Воспитување

Не присилувајте го детето да каже „извини“ – обидете се со оваа тактика

Сигурно се сеќавате барем на една пригода во која имало очигледна вина од ваша страна – некој удар зададен врз другарче во игра, некој лош збор упатен кон некого… и додека зовривате од лутина, родителот ве терал да кажете: „Жал ми е“. Освен тоа што во тој момент би рекле буквално сѐ друго освен „извини“, тој збор некако ја губи важноста и вредноста во тој момент.

Затоа што ако некој низ стиснати заби, од бес ви каже „извини“, веднаш знаете дека тоа не е искрено или од срце, нели? Сега само сетете се и на оние пригоди кога вашето дете сосема бесмислено ќе каже „извини“, токму со тој лажен глас.

Па, сигурно има и други решенија за вакви ситуации. Експерт за родителство има предлог кој би можел да биде многу добра верзија за оние моменти кога треба да ја пополните празнината, создадена со неизговарање на зборот „извини“, кога не е кажан од срце. Експертот за родителство д-р Челси Хоџ-Завалета вели дека не ги „присилува“ децата да кажат „извини“.

„Наместо тоа, им велам да направат нешто“, објаснува таа во нејзиното видео кое стана вирално. „Оди земи малку мраз, оди земи чаша вода, донеси фластер – нешто што мислиш дека би помогнало? Им помагам да разберат дека нешто може да се поправи. Она што не го сакам е детето да каже извини со тој присилен глас. Ништо не добива од тоа. На дете кое е повредено, ова не му изгледа искрено. А детето што го направило тоа, не учи ништо на тој начин“.

Детето кое повредило, мора да се одмори од ситуацијата – да оди да земе некој корисен предмет. Во меѓувреме, родителите на повреденото дете имаат неколку минути да го утешат, а тоа е она што често го забораваме во овие и слични ситуации. Секогаш се фокусираме на детето кое повредило. „Се грижам за вистинско подобрување на ситуацијата“, продолжува Хоџ-Завалета.

-Сакам детето што направило нешто, без разлика на намерата, да направи нешто за да го поправи тоа. Освен тоа, можеби не ја знам другата страна на приказната, а можеби и би требало. Затоа никогаш не го присилувам детето веднаш да вели извини“.

Додека детето „напаѓач“ оди да земе мраз, фластери, вода или што било што може да ја поправи штетата, може малку да размисли за тоа што се случило. Ќе прошета кратко, можеби мразот ќе го разлади, можеби кога ќе го земе фластерот в раце ќе сфати што направило, можеби по пат едноставно ќе се издува, а кога ќе дојде кај детето кое го повредило, можеби самото ќе каже „извини“. Можеби ќе ве изненади, а за тоа време вие ќе го тешите детето кое е повредено, нападнато.

Од оваа ситуација можете да научите повеќе лекции кои подоцна ќе ви се исплатат. Можете да му кажете на вашето дете: „Беше толку убаво од тебе што донесе мраз за твојот другар“ или „Понекогаш доаѓа до повреда додека си играме, но многу е добро што секогаш препознаваш кога некому му треба помош“. Добра тактика, зарем не? Дефинитивно подобро од она иритирачкото, одглумено „извиниииии“, со превртување на очите…

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top