Како што не постои совршен лекар, сопруг, пријател, така не постои ниту совршен родител. Сè што му е потребно на детето е родител кој прави најдобро што може. Ништо повеќе од тоа, вели клиничкиот психолог Невена Ловринчевиќ.
„Зошто не треба да бидете совршен родител“ (Креативен центар) е насловот на прирачникот на Невена Ловринчевиќ во кој пишува за предизвиците на современото родителство, за најчестите дилеми на родителите кои денес воспитуваат деца, за тоа како да ја пронајдат вистинската мера помеѓу закочувањето и слободата, кои се последици од инсистирањето на успех по секоја цена, на кој начин да се справат со предизвиците улогата на социјалните мрежи во животот на децата.
Современите родители не се првите што се соочуваат со дилеми. Секоја генерација има свои предизвици. Претходните ги преиспитувале пристапите кои во нивно време биле актуелни: остави го да плаче, ќотекот излегол од рајот, децата со милување се разгалуваат, не треба да се фали детето, момчињата не плачат…
Какви и да се предизвиците на родителството во времето кога воспитуваме деца, авторката смета дека на секој родител од помош ќе му биде флексибилноста, преиспитувањето и откажувањето од идејата дека во родителството мора да се достигне совршенство.

– Што и да правите, колку и да се осмислува пристапот, колку и да сте посветени, можно е во некој момент да доживеете шок и разочарување и ќе се запрашате: Каков родител сум јас кога ова ми се случува? А тоа прашање значи само едно – добре дојдовте во светот на родителството! Ви честитаме! Вие сте токму во ситуација во која сите родители се наоѓаат – дека некогаш немаат поим што прават, ни што треба да прават, ниту како се нашле таму каде што се. Едноставно: Ништо не им е јасно! – истакнува авторката.
– Откажете се навреме од совршенството. Немојте во трчањето по нешто што е недостижно да ви побегнат работите кои се навистина важни: да го следите своето дете, да го поддржувате, поттикнувате, некојпат и да викнете, да се галите со него и да уживате во една од најубавите улоги на својот живот – порачува Невена Ловринчевиќ.