Здравје

Не поминува нервозата кај родителите. Уште еден случај на МРСА во ,,Панајот Гиновски”

Бактеријата МРСА (Methicillin-resistant Staphylococcus aureus) е изолирана и кај шестоодделенец во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел. Информацијата ја потврдија од училиштето, а за случајот знаат и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од каде што најавија соопштение во врска со случајот за подоцна денеска. Детето нема инфекција, туку било носител на оваа бактерија. Денес сите ученици порано си заминале дома.

Во моментов во училиштето има здравствени инспектори.

Бактеријата МРСА, како што објаснуваат микробиолозите, е опасна кога станува збор за организам со паднат имунитет.
Ова е втор случај на МРСА во ова училиште откако бактеријата беше изолирана кај второодделенец пред околу дваесет дена. Претходниот период, според информациите на ДСЗИ, имало уште 4 случаи на МРСА освен во школото и во градинката „Снежана“.

Фото: sl.wikipedia.org

Родители на ученици цела измината недела се во паника и поради страв, голем дел од нив не ги пуштаат своите деца на училиште. Наставата не е ефективна, паралелките се со многу мал број ученици, а наставниците немаат прецизни насоки од раководството како да постапуваат и што да ги советуваат родителите.

– Кај првото дете што имаше МРСА се појави чешање на лицето. Целата работа и реакциите од нас, родителите, почнаа по тој случај. Бараме да се крене нивото на хигиена на повисоко ниво. Родителите индивидуално ги носеа децата на брис во тоа одделение, кај некои се покажа присуство на стрептокока, но имаше и уринарни инфекции – вели родителка на дете во ова училиште за Деца.мк.

Директорката Катерина Ническа-Мартиноска вчера изјави дека по првиот случај во училиштето е направено темелно механичко чистење, како што наложиле санитарните инспектори. Денеска таа не беше достапна да информира што ќе се преземе по последните случувања.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top