Најчеста причина за акутна дијареја се инфекции предизвикани од вируси (рота, аденовирус, норовирус), бактериски инфекции (салмонела, шигела), паразити, честопати станува збор за патувачка дијареја, интолеранција на храна, несакани реакции на некои лекови, истакнува д-р Искра Лазаревска

Летото важи за најубаво годишно време, но не само за луѓето, туку и за бактериите. Велат дека летото е сезона на цревни инфекции, особено кај децата, во градинките, за време на патување… Високите температури придонесуваат за размножување на бактериите, вирусите и цревните паразити, кои најмногу ги напаѓаат бебињата и малите деца поради нивниот сѐ уште неразвиен имунолошки систем.

– Еден од предизвиците со кои се соочуваме од здравствен аспект во лето е акутната, ненадејна дијареја. Проблемот со течните столици, иако присутен во текот на цела година, сепак е најчест во текот на летните месеци. Па оттука и потребата од почесто навраќање на овој проблем во овој период од годината, со сите препораки во однос на превенцијата, третманот, како и преземање одредени постапки со цел полесно надминување. Акутната, ненадејна дијареја е најчест симптом на стомачно нарушување. Вообичаено се дефинира како зголемен број на столици (повеќе од три на ден) кои имаат кашеста до течна конзистенција и поголем волумен. Често е придружена со повраќање, болки во стомакот, грчеви, чувство на перианална непријатност, чест нагон за празнење на цревата. Тоа обично трае од неколку дена до две седмици – вели педијатарот Искра Лазаревска.

Најчеста причина за акутна дијареја се инфекции предизвикани од вируси (рота, аденовирус, норовирус), бактериски инфекции (салмонела, шигела), паразити, честопати станува збор за патувачка дијареја, интолеранција на храна, несакани реакции на некои лекови, дополнува таа.

Д-р Искра Лазаревска

Што треба секој родител да знае и да преземе кога детето има акутен синдром

Доктор Лазаревска наведува неколку совети за тоа како родителите полесно да се справат кога детето има дијареја:

Надоместување на изгубените течности и електролити

Надоместувањето на течностите е прва и најважна мерка кај дијарејата и повраќањето.  Неопходно е често консумирање на течности во мали количини. Одржување на хидратацијата, поточно спроведување на рехидратацијата најдобро е да биде со специјално подготвени рехидрациски раствори. Тие можат да ја спречат дехидратацијата, но не влијаат врз дијарејата. Овие раствори ги содржат сите елементи што се губат во состојба на дијареја, а му се потребни на организмот, и тоа во балансиран сооднос. Рехидрирањето се спроведува со давање 1 кафена лажичка (5 мл) од растворот на секои 5 минути, и доколку оваа количина не провоцира повраќање, потребно е постепено зголемување на количината на 30 мл ( 2 супени лажици) на секои 5 минути. Целта е детето да прими 25-50 мл раствор за рехидрирање по килограм телесна тежина во тек на 2 часа.

Надомест на добрите бактерии во цревата и регулирање на варењето

Дијарејата е одбранбен механизам на секој организам во текот на кој се елиминира причинителот на оваа состојба. Во овој процес се нарушува не само рамнотежата на течности во организмот, туку и балансот на пробиотските култури кои живеат во органите за варење. Од овие причини се препорачува што е можно поскоро воведување на пробиотски култури со корисни млечно-киселински бактерии. Притоа треба да се изберат докажано ефикасни пробиотски култури, но и да ги има во доволна количина. Со нив се постигнува брза нормализација на цревната флора, а со тоа и на функцијата на органите за варење. Со земање на пробиотските култури се создаваат неповолни услови за раст и развој на патогените, и како резултат на тоа, се скратува времетраењето на дијарејата, хранливите материи подобро се искористуваат, а во исто време се подобрува функцијата на имунолошкиот систем.

Начин на исхрана за време на дијареја

Со оглед на тоа дека детето што има дијареја вообичаено и повраќа, често придружено со покачена температура, поточно има губиток на енергијата, има потреба од поголем енергетски внес. Од овде произлегува основниот принцип кај дијарејата – дека не се препорачува посебна диета, т.е. детето не смее да гладува. Ако детето сè уште е на мајчино млеко, треба да продолжи да се дои, често и кога и да посака. Тоа важи и за децата кои консумираат адаптирано млеко. Кај повозрасните деца и возрасните, исто така, се препорачува брзо воведување на стандардна исхрана без диетални ограничувања. На детето треба да му се овозможи храна која ќе му одговара (супа, бујони, пире со месо, зеленчук, печено јаболко, банана) итн. Да му се овозможи храна која ја сака, приспособена според возраста, калорична. 

Симптоматска терапија

Покачената температура често ја прати акутната дијареја. Во тој случај се спроведува симптоматска терапија, поточно се следат препораките кои се идентични за сите фебрилни состојби – давање лекови за намалување на температурата е доколку таа е над 38,5 степени.

Ризик од дехидрација

Ризикот на акутната дијареја е во настанување на дехидратација. На што треба да се внимава кај децата со дијареја, поточно што треба да се следи посочува нашата соговорничка.

– Намалувањето на количината на урина, како и променета боја – темножолта, упатува на дехидратација. Ако урината е светложолта, вашето дете не е дехидрирано. Ризик од дехидратација има ако има сув јазик, суви очи и намалена количина или отсуство на солзи, а и кожата е сува. Кај бебињата треба да се опсервира и фонтанелата, вовлечена е знак за дехидратација; конфузност, замор и аспект на болно. Доколку вашето дете е весело, расположено, спремно за игра, сигурно не е дехидрирано. Дете со потешка дехидратација станува преслабо да стои, гласот и плачот се слаби – истакнува докторката Лазаревска.

Ако детето долго време ја одбива храната, а особено ако одбива да прима рехидратациски раствори, ако течните столици се одржуваат и покрај спроведување на мерките за рехидратација и притоа ги забележите првите знаци на дехидрација, потребно е да се обратите на лекар, посочува д-р Искра Лазаревска.



912

X