Ниту основните ниту средните училишта не смеат да наплаќаат за издадени свидетелства. Тоа е нивна обврска – бесплатно им се издаваат на сите ученици, рече министерот за образование и наука Арбер на денешната прес-конференција.
Соопштение со слична содржина имаше и народниот правобранител откако повеќе родители и средношколци реагираа дека им наплаќаат по 50, односно 100 денари за свидетелство.
– До МОН не стигнала официјално поплака, но ги охрабрувам сите ваквите случаи да ги пријават до Државниот просветен инспекторат – рече Адеми.
Во соопштението на народниот правобранител пишува:
– Секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование, односно право на средно образование кое е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови. Притоа, средното образование во јавните средни училишта е бесплатно. Со оглед дека учебната година заврши, a на учениците треба да им бидат издадени свидетелства, кои, пак, се неопходна документација за запишување, односно продолжување на образованието, народниот правобранител им укажува на училиштата дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства. Ги охрабруваме учениците, односно нивните родители/старатели ваквите случаи на наплата кои се вршат спротивно на закон да ги пријават во Државниот просветен инспекторат или кај народниот правобранител.
912