За да го намалите времето поминато на телефон кај детето, првично вие морате да седите помалку на телефон, да му обрнете внимание и да се втурнете во детскиот свет и да создадете игра
Во медиумите често читаме и слушаме – децата не треба да седат на телефони, таблети или лаптопи предолго, скратете го времето што вашето дете го поминува пред екраните итн.
Тоа е на место и целосно се согласувам, но што би правеле ако не го прават тоа?
Важно е родителот да се вклучи во креирањето игри, секојдневно да му го зголемува опсегот и, пред сè, да му посвети целокупно внимание на детето. Технолошките уреди се место каде што децата добиваат возбуда, што е пресудна во изборот бидејќи внесува живост и ја намалува анксиозноста во живеењето, но добиваат и задоволство, уживање и резонирање. Инвестирањето во реални игри, пак, од различен спектар, значи подобар развој, запознавање повеќе аспекти на живеењето и подобро поминато време за детето, секако и поголем простор за родителот. Во спротивно, телефонот ќе биде двигател, главен виновник за сè што му се случува на детето, кое ги запоставило своите потреби за живеење бидејќи му биле оневозможени и незадоволни потребите за развој од родителот, а понекогаш и основните потреби.

Не заборавајте децата се целосно зависни и неспособни да се грижат за своите потреби на помала возраст, особено до седмата година од развојот. Така што, за да го намалите времето поминато на телефон кај детето, првично вие морате да седите помалку на телефон, да му обрнете внимание и да се втурнете во детскиот свет и да создадете игра или да му обезбедите ресурси за игра и да му развиете интерес. Истражувачкиот дух, природата и интеракцијата се формула која ненаметливо го оттргнува детето од технологијата.
Во спротивно, можеме предолго да зборуваме за штетните последици од екраните, но ако не понудите соодветна замена и насочено внимание, тоа ќе биде како да сакате детето да го нахраните со вкусен оброк, а наместо да го приготвите или набавите од соодветно место, вие да му вклучите видео на кое го има тој оброк.
Автор: Никола Дукоски, психолог