„Тој/таа е толку специфичен/а“, е опис на родителите за своето дете, најчесто на мајката, кој го слушам речиси секојдневно.
Тоа е вистина. Но важно е да се знае дека и другите деца се специфични.
Проблемот настанува во моментот кога родителите „ќе ги измешаат лончињата“ со погрешно уверение дека целта на програмата во колективот е – развој на специфичностите на секое дете.
Неопходно е и пожелно да се индивидуализира работата со децата и во колективот, но не многу. Зошто? Заради основната цел на колективот, а тоа е развој на колективната свест.
Престојот во градинка, училиште, при спортските активности… не би смеел да потсетува на односите во семејството. Семејните цели се поинакви, па комбинацијата семејство плус колектив е добитна.

Ќе појаснам.

Што е основната идеја на воспитувањето? Подготовка за самостоен живот.
Кога ќе пораснат, децата ќе одберат партнер и ќе создадат свое ново семејство. Во рамките на своето семејство значително ќе влијаат врз правилата, атмосферата, одговорностите и сѐ друго. Тука ќе дојдат до израз нивните специфичности и искуство.
Од друга страна, дел од денот ќе поминуваат и на работа. Во работното опкружување нема да ги избираат надредениот, правилата, колегите, описот на работата. Значи, работното опкружување е полно со обврски и непроменлив ритам.
Партнерот го избираш и значително влијаеш на својата позиција во тој однос, а работното опкружување најчесто е под палката на личност која не е твој избор, а ни правилата ни обврските не ги одредува секој вработен, туку главно се наметнати, најчесто грубо.

Веројатно веќе ги поврзавте работите. Грубо гледано, животот со вас е подготовка на децата за нивното семејство, а колективните активности – за работното опкружување. Меѓу овие два система е другарството, како трета категорија, која се гради низ СЛОБОДНАТА игра.

Она што го храниш, тоа и ќе расте – често ќе прочитате во книгите за родителство. Колективот, на децата им ја „укинува храната“ на социјално непосакуваното однесување. Да кажеме, иако родителите сметаат дека нивното дете е специфично и амбициозно, па затоа сака да ја подреди на себе својата околина, а притоа родителската љубов го блокира центарот за разум, па истото го дозволуваат во рамките на своето мало семејство, колективот има задача да бара аргументи и пред самоназначените водачи става тешки тестови, ако некој сака да биде „главен“. Детето што ќе успее да се наметне е водач во таа фаза од развојот, бидејќи тестовите на колективот се неспоредливо потешки од семејните.
Зарем ова не ви личи на работен колектив? Идентично.
Колективот, пред сѐ, има задача да ги ограничи можностите за себеугодување, веднаш и сега. Но колективот дава и многу работи за возврат, пред сѐ, чувство на припадност, што е многу значајно за здравиот развој и лесно се стекнува во детските колективи. Ќе ја забележите гордоста со која децата го кажуваат името на својата градинка или група.

Примери на барања на родители што не го сфаќаат колективот, за полесно да разбереме и да запомниме:

* Тато носи појадок за ќерката во градинката, ако таа не сака да појадува исто што и другарчињата.
* Детето е мало, па ако може да седи до воспитувачката (во група од 20 врсници).
* Детето многу сака одредена играчка и ја носи во градинката, иако тоа не е дозволено.

Основната идеја на градинката е – сѐ е заедничко и сите сме во еднаква позиција. Целта е – да се постигне задоволство меѓу еднаквите. Во повеќето градинки постои ден за играчки, во останатите денови носењето лични работи ја загрозува основната цел на колективот. Јадеш и кога не си гладен, спиеш или молчиш кога не ти се спие, лесно може да го преведеме на јазик на возрасните – развој на толеранција кон „морањето“.

Возрасните што не трпат „морање“ имаат проблем кога ќе застанат во некаков ред, кога возат автомобил, конкурираат за работа, ја чистат куќата, одат по набавки, чуваат деца, не спијат ноќе поради децата, ги негуваат старите родители… списокот е бескраен.

Дали сите треба да бидеме исти?
Не!!! И затоа ниту едно дете, а ни возрасните, не би требало постојано да биде во колектив. Специфичностите најдобро се развиваат во семејството и во слободното време, а колективот има задача да им даде форма која е поднослива за околината.

Крајно сурови реченици во семејството:
* „Почекај малку за да добиеш чаша вода.“
* „Сега нема храна.“
* „Застани тука и чекај мирно 10 минути.“
* „Не може сега да спиеш.“
* „За сѐ постои саатница!“

Секојдневие во колективот, кое на децата им помага да развијат толеранција:
* „Почекај малку да добиеш чаша вода.“
* „Сега нема храна.“
* „Застани тука и чекај мирно 10 минути.“
* „Не може сега да спиеш.“
* „За сѐ постои саатница!“

Да заклучиме: не барајте од колективот да ги развива специфичностите, тоа првенствено е задача на родителите.
Напомена: Уочување и развој на талентираните деца не е тема на овој текст, бидејќи само неколку проценти од децата се наоѓаат во таа категорија, иако родителите мислат поинаку.

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X