Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Како може да си помогнам да го надминам стравот, имам бебе од една година, но сѐ уште се плашам да му дадам парченца храна да не се задави. Дали можам некако да го пребродам овој страв?
ОДГОВОР: Го разбирам вашиот страв, природно е да се плашите. Родителството само по себе не носи само убави и пријатни чувства. Како родители сме ранливи, а тука се и анксиозноста, сомнежот, чувството на вина, на немоќ… се соочуваме со секакви стравови, со или без основа. Многу мајки се плашат дека нивните деца ќе се задушат кога почнуваат да јадат цврста храна. Иако рационално знаете дека вашето дете треба и мора да почне со ваквата исхрана, стравот понекогаш е толку голем што парализира, кочи и честопати победува. Но наша работа е да му помогнеме на детето да биде независно.
Хранењето на бебето треба да биде пријатен момент на интеракција за бебето, но и за личноста која го придружува додека јаде.
Ако сте вознемирени додека вашето бебе јаде, времето на хранење генерира емоционална непријатност, се плашите… детето ќе го почувствува тој страв и тогаш хранењето ќе биде стресен, вознемирувачки и потенцијално опасен настан, што ги поставува темелите за конфликтна врска со самото хранење во иднина.
Во самиот процес треба да се чувствувате сигурни, без страв, како што сте биле и досега. Веројатно ова нема да го постигнете одеднаш, ќе ви треба време за да го надминете стравот…
Разговарајте со вашиот педијатар, информирајте се… кога сме информирани и кога знаеме како, понекогаш работите стануваат не толку страшни. Почнете полека со мали чекори, со варени компири, варен зеленчук и месо исечкано на многу ситни парчиња, ако ја исечете храната на мали парчиња, детето навистина ќе може без проблем да се справи со неа, а со текот на времето сечете и поголеми парчиња.
Би ве посоветувала да се обратите на психолог или психотерепевт со кој ќе може да поразговарате за вашиот „проблем“ за да го надминете стравот и да уживате во развојот на вашето дете. Иако доста често стравот ќе биде дел од вашиот живот и родителството, прифатете го како тивок сојузник кој ве учи да бидете претпазливи и кој ќе ви помогне да ги негувате драгоцените моменти од раните години на вашето дете.
Најдете сила да го прифатите секој нов предизвик, знаејќи дека со секој чекор вие и вашето дете растете заедно, рака под рака, срце до срце. 🙂
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912