другари Прашај психолог

Не можеме да ја натераме да игра со другарите, по цел ден е пред ТВ или на мобилен… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Имам 8,5-годишно девојче кое никако не можеме да го натераме да си игра со другарките. Секогаш сака сама да игра или да гледа ТВ или телефон по цел ден. Секако пробав, ѝ објаснувам, но нема желба да си игра со децата. Се плашам дека ќе остане сама, без другарки. Како да ѝ помогнам?

ОДГОВОР: Мотивацијата на детето за социјализација не доаѓа однадвор како што честопати мислиме, туку се раѓа однатре, од чувство на сигурност, самодоверба и љубопитност.

Дете кое одбива да се вклучи во игра или во други активности со други деца честопати не ја отфрла самата игра, туку го отфрла емоционалното изложување што тој контакт или однос го носи со себе. А тоа се отвореноста, ризикот од отфрлање, потребата за приспособување и можеби чувството дека „не сум доволно добра“ за да бидам прифатена. Детето се повлекува од светот на односите и од реалноста затоа што така му е полесно.

Какви се односите со вас дома? Како било досега? Какви биле нејзините односи со другите деца, како е со роднините, со другите деца во училиште?

Бидејќи споменавме дека односите носат и различни конфликти, децата денес доста често се повлекуваат, а светот на екранот им нуди контролирана реалност во која нема непредвидливост, нема чувство на неуспех и нема потреба од емоционален напор. Таму е забавно, интересно, нема давање и делење, а е и сигурно. Кога децата се емоционално презаситени или повлечени во себе, тие немаат развиена жед за односи.

Наместо да се обидувате постојано да ја убедувате да се социјализира, поразговарајте, прашајте и истражувајте заедно: „Како се чувствуваш кога си со другите деца?“ „Што ти се допаѓа кога си сама?“ „Дали понекогаш сакаш да бидеш со другите?“ Можете да кажете: „Убаво е понекогаш да се биде сам, но понекогаш може да биде и убаво да се има некој со кого се смееме, трчаме, скокаме, играме разни игри.“

Децата на оваа возраст честопати не можат да ги препознаат и да ги изразат своите чувства, но можете вие да ѝ позајмите зборови за тоа што се случува. На пр: „Понекогаш е полесно да се биде сам, нели?“

Би било добро дома сите заедно да имате активности – играјте игри, цртајте, гответе, слушајте музика, потрудете се вие да бидете нејзин соиграч. Шетајте и зборувајте за тоа каков бил вашиот ден, каков бил нејзиниот. Приближете се до нејзиниот внатрешен свет и нејзините незадоволени емоционални потреби. Од односот со вас ќе почне вистинската поврзаност и со другите.

Поканете другарчиња дома, да имаат некоја активност заедно. И, секако, создајте граници за времето поминато пред екран, но тоа да не биде кажано како казна.

„Знам дека уживаш во твоите серии. Но, ајде да пробаме еден час без екран и да правиме нешто забавно заедно.“

Мотивацијата не доаѓа од обврска, туку од копнеж. Кога детето ќе види дека врската може да биде простор каде што може да биде своја, а сепак и со другите, тогаш спонтано ќе почнува да посакува пријателство.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

To top