Игротека

Не кажувајте им на децата дека не знаат да пеат

Кога станува збор за музичките способности на нашите деца, треба помалку да се фокусираме на талентот, а повеќе на придобивките од напорната работа и упорноста.

Според Стивен М. Деморест, професор по музичко образование на Универзитетот „Нортвест“, сите деца се родени да пеат, а ако им кажувате дека немаат талент, тоа може да има негативен ефект врз нив.
Истражувањата покажале дека на многу возрасни што сметаат дека се „немузикални“ им било кажано дека немаат талент за пеење додека биле деца, и тоа од страна на членовите на семејството и наставниците, објаснува Деморест во есејот што го напишал за „Конверсејшен“.

Децата се природни музичари

– Моите истражувања покажаа дека ако децата гледаат негативно на своите способности за пеење, имаат мала шанса во иднина да учествуваат во музички активности од кој било вид.

Деморест објаснува дека оние што се откажуваат од музиката додека се деца, може да ги изгубат своите способности за пеење бидејќи не го употребуваат својот глас и не ги користат своите можности. Децата што ја сакаат музиката, а за себе мислат дека се музички неспособни, може да пропуштат многу од социјалните и когнитивните придобивки од музиката, како и чувството на поврзаност со другите лица преку песна.

– Овие придобивки немаат никаква врска со талентот. Децата се природни музичари бидејќи пеат, танцуваат и свират уште кога се бебиња. Луѓето постојано ме прашуваат како можат да дознаат дали нивното дете има музички талент. Ги уверувам дека нивното дете, дека секое дете има музички способности кои можат да се развијат во задоволителна и доживотна врска со музиката. Меѓутоа, како што растат, некои деца добиваат критики од своите врсници, членовите на семејството (за жал) и од професорите по музика – дека немаат музички талент.
Многу тажно! И, се разбира, емисиите како „Американски идол“ не им помагаат, туку промовираат дека пеењето е ретка способност резервирана само за талентираните, а оние без талент се исмејувани – додава Деморест.

Наставниците по музичко да ги поттикнуваат децата да пеат

Според него, овој начин на размислување за таленти на музиката е спротивен на она што психологот Керол Двек го нарекува „начин на размислување за растење“.

– Учениците што го гледаат својот успех како резултат на напорна работа ќе успеат да ги поминат сите предизвици, додека учениците што веруваат дека нивниот успех лежи во некои вродени способности како „талент“ – е поверојатно дека ќе се откажат.
Па, како можеме да им испратиме на децата порака дека пеењето е за секого? Деморест вели дека промената може да почне и во домот и во училиштето.
– Ако сте родител, можете да ја пеете музиката што ја сакавте додека растевте и да не се грижите за тоа како звучите. Ако еден од возрасните е посветен на музиката и пее без срам, тоа е најмоќното влијание врз детето. Уште додека се мали можете заедно со нив да пеете, да пеете со радиото, во автомобилот или во текот на вечерата… А до моите колеги наставници по музика, ве молам да ги поттикнете сите деца во вашата училница, во училиштето, да пеат кога ќе сакаат и кога ќе добијат шанса за пеење. Тажната вистина е дека кога ние, музичките експерти, ќе го обесхрабриме детето за пеењето, тоа може да биде фатално за неговата претстава колку е музикално.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top