Како да се разговара со ќерката за нејзиното тело?
Чекор еден: едноставно – немојте. Освен ако не сакате да ја научите како функционира телото. Тоа е во ред.
Не кажувајте ѝ ништо ако ослабела. Не кажувајте ѝ ништо ако е дебела. Ако мислите дека е убава, не кажувајте ѝ го тоа. Но, еве што можете да кажете:
– Изгледаш здраво!
– Изгледаш силно!
– Се гледа дека блескаш!
И најдобро би било да добие комплимент за нешто што нема никаква врска со изгледот.
Не коментирајте ниту за изгледот на другите жени. Не озборувајте. Ни дека е згодна, ни дека е дебела, ни дека е премногу слаба.
Научете ја вашата ќерка како да биде љубезна кон другите, но и кон себеси. За тоа треба да зборувате.
Не се дозволени коментари за тоа дека го мразите вашето тело! Не зборувајте ни за новата диета. Всушност, вашата ќерка дури и не треба да знае дека сте на диета! Едноставно купете здрава храна наместо хамбургери и грицки. Гответе здраво и јадете здраво. Но, никогаш не кажувајте „од денес не јадам леб“ или „не јадам слатко“. Вашата ќерка не смее да мисли дека е срамота да јадете слатки или јаглехидрати. Срамот од храната што ја јадете води до срам од себеси.

Охрабрете ја вашата ќерка да трча, но не за да го стегне телото, туку за да се ослободи од стресот и да биде поздрава. Охрабрете ја да планинари бидејќи нема подобро место за тестирање на силата и нема подобро чувство од тоа кога ќе се искачите на врвот. Поттикнете ја да спортува, да вози велосипед на планина, бидејќи тоа ја плаши, а стравот понекогаш е добра работа.
Нека ги засака фудбалот и кошарката, бидејќи спортот ќе ја направи подобар лидер и ќе ѝ даде самодоверба. Никогаш не присилувајте ја да се занимава со спорт што не го сака. Да, ритмичката гимнастика и пливањето се спортови кои звучат како вистински избор за една девојка, но таа нека избере што сака да прави!
Докажете ѝ на вашата ќерка дека на жените не им треба маж за да го поместуваат мебелот низ домот.
Научете ја да готви здрава храна.
Кажете ѝ го тајниот рецепт за колачи што сите го сакате.
Можеби вие и вашата ќерка имате тенки листови или широки колкови? Лесно е да го мразите своето тело. Но немојте. Кажете ѝ на вашата ќерка дека со тие нозе што ги има може да трча маратон ако сака.
Потсетете ја вашата ќерка, потсетувајте ја често, дека најдоброто нешто што може да го направи со своето тело е да го користи за да го носи своето прекрасно срце насекаде!