Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има две години и осум месеци и проблемот е што не кажува ако некој го удри, го турне или му земе играчка. Може да заплаче и за кратко да се смири, но потоа не кажува која е причината. Сака да игра, да се дружи, добро зборува, но не кажува што му се случило, дали некоја непријатна случка или ситуација. Дали се работи за темперамент или нешто друго? На кој начин да го учиме да се изразува и да кажува?
ОДГОВОР: Во овој период на рано детство и оваа возраст на рано учење потребно е да сме трпеливи во однос на развивањето на децата и нивниот напредок во совладување на социо-емоционалните вештини. За почеток добро е што кај детето има солидно развиен говор. Говорот е многу важен канал во изразување на емоциите и доживувањата.
Во оваа ситуација важен е начинот на кој комуницирате и го прашувате детето во однос на ситуациите со кои се соочило. Доколку тоа наликува на испрашување, со многу што, како, зошто, во оваа возраст детето не би било подготвено така да се изрази и да комуницира.
Она што сакате да го дознаете за поминатиот ден на детето потребно е да го направите во соодветни услови. Најдобро би било тоа да биде навечер, пред спиење, со читање некаква приказна. Во ноќта детето е поопуштено и бара да го амортизира и да се ослободи од стресот кој се случил во текот на денот.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912