Мозокот создава механизми за совладување на пречките со самото тоа што наидува на нив
Во градовите над 80 отсто од децата имаат некое нарушување во говорот, што никогаш порано не се случувало во толкава мера, а да не зборуваме за многу други проблеми што се јавуваат. Излезе дека основниот проблем е во недоволната информираност на родителите, дека од преголема љубов и со најдобри намери ги презаштитиле своите деца, предупредува Урош Петровиќ, коавтор на програмата НТЦ-систем на учење и за севкупен развој на децата заедно со д-р Ранко Рајовиќ, автор на книги за деца и млади кои ги поместуваат границите во современата литература и добитник на многу награди за своите дела.
Не во стаклено ѕвоно
– Познато е дека мозокот создава механизми за совладување на пречките со самото тоа што наидува на нив. Ако ги отстраните сите пречки што се појавуваат пред детето, нема да проработи механизмот за да ги совлада, и тогаш ќе се појават многу проблеми. Мозокот најинтензивно се развива кај најмладите. Тоа што ние го правиме со децата очигледно не е добро затоа што е доцна да се почне некоја систематска работа на 6, 7, 8-годишна возраст – вели Петровиќ за Деца.мк.
Плашејќи се да не се повредат, многу родители ги чуваат децата во стаклено ѕвоно. Тие не знаат дека со тоа што ги спречуваат да скокаат, трчаат, да се вртат, да експериментираат во кал, да се шлапкаат во вода… се забавува развојот на нивниот мозок. Така презаштитувањето станува контрапродуктивно за децата.
Петровиќ објаснува дека многу работат со воспитувачите и со родителите за да им покажат што мора да се прави токму во најраниот период за детето да биде успешно, да го достигне својот максимум.
– Ситуацијата е лоша во целиот регион. Изгледа како на некој да му одговара во регионот да има луѓе што не мислат многу, кои тукутака ќе земаат кредити, кои не размислуваат, не ги поврзуваат работите. Ние се трудиме да направиме нешто спротивно на тоа. И навистина, постојат над 50 научни труда во НТЦ-системот на учење и повеќекратно е докажано дека системот функционира. Сакаме да допреме до што повеќе деца, родители, наставници, воспитувачи… – вели Петровиќ.
Паѓањето е корисно
Од НТЦ советуваат да се остави детето да трча, да се качува по угорници, да скока. Снаоѓањето во отежнати услови овозможува развој на крупната моторика и рамнотежата на детето. Во исто време станува поиздржливо и стекнува кондиција.
– Не грижете се ако падне, мора да падне. Паѓањето е корисно. Многу е важно децата одвреме-навреме да ги испитаат границите за своето тело и да разберат кои можности ги нуди средината во која си играат – велат предавачите.
Кога детето прави работи од песок, кал, снег… се развива неговата фина моторика.
Работата на детето е да си игра, му треба предизвик. А мудроста во родителството е да се најде границата меѓу заштитувањето и презаштитувањето.
912