Кандидијаза е габична инфекција на усната шуплина предизвикана од габата Candida albicans. Се појавува како бели или жолти наслаги во устата на бебето. Постојат неколку начини на кои бебето може да добие кандидијаза:

Првата е инфекција при самото породување – при минување на бебето низ породилниот канал може да се случи бебето да дојде во контакт со габата, особено ако мајката има развиена инфекција која претходно не била третирана.

Друг начин е за време на доењето или хранењето на бебето – недоволната хигиена на приборот за јадење на бебето (цуцла, шише или лажица) може да доведе до развој на габа која се таложи во устата на бебето. Слично на тоа, и при доењето бебето се изложува на ризик од заразување со кандидијаза.

Иако е лесно да се забележи оваа промена, често се случува да се помеша со обичните млечни наслаги. Најлесен начин да се направи разлика е со чиста газа. Брзо ќе ги отстраните наслагите од млеко, меѓутоа, во случај на кандидијаза, тие не можат да се отстранат. Покрај тоа што овие наслаги се многу поотпорни, тие можат да бидат болни и да доведат до отфрлање на храната и промени во однесувањето на бебето.

Дали состојбата му пречи на бебето?

Тоа навистина може да му пречи на бебето бидејќи е придружено со болка, која може да влијае врз проблемите со доењето. Се случува бебињата да почнат да цицаат, но да престанат поради болката, да ја свртат главата од градите. Затоа е важно што поскоро да се јавите кај педијатар за да се добие соодветна терапија.

Дали се работи за заразна состојба?

Познато е дека габата кандида преминува од едно на друго лице, но тоа не мора да значи дека вие или вашето бебе ќе развиете кандидијаза. Не се смета за заразна, но габата што ја предизвикува е заразна. За целосно да се излекува оваа инфекција и да нема пренос од бебето на мајката и обратно, потребно е и двете да применат терапија. Мајките ќе знаат дека состојбата поминала со чувство дека брадавиците се болни и горат, особено за време и по доењето. Може да се јави остра болка во градите, чешање, па дури и лупење на кожата и рани на брадавиците. Кога бебето има орална кандидијаза, често се случува да се појави исип каде што е пелената, како резултат на габична инфекција.

Како се третира состојбата?

Наједноставниот третман за состојбата е плакнење на усната шуплина (јазикот, непцата, внатрешната страна на образите и непцето) со раствор од сода бикарбона. Растворот се прави од една кафена лажичка сода бикарбона и 100 мл зовриена и оладена вода. Натопете парче газа во растворот и завиткајте го околу прстот, а потоа половина час до еден час пред доењето внимателно избришете ја внатрешноста на устата на бебето. Истата постапка може да се користи за чистење на брадавиците: избришете ги брадавиците со истиот раствор.

Ако инфекцијата трае подолго од очекуваното или поминува бавно (габичните инфекции може да бидат многу упорни), можете да користите и крем или гел против габи. Во тој случај најдобро е да посетите педијатар.

Извор



912

X