Нема да настане хаос ако детето ги изрази емоциите, доволно е само вие како наставници или родители да го препознаете тоа, да не го осудите и да го ислушате. Понекогаш и да го објасните. Не како некоја девијантна појава, туку како нешто што го има во секој од нас и дека додека не се научи како да се справува и каде да го изразува тоа, ќе биде само гушнато и прифатено. Во спротивно тоа може да се натрупа како незадоволство или да се проектира токму во губење интерес за учење, губење на љубопитноста, спонтаноста и оној детски дух кој е хранлив и за возрасните

Во нашата култура како редовен дел од образованието на детето е прифатено одржувањето на хигиената, миењето на забите, учеството во сообраќајот итн. Така многу од нас се сеќаваат како само пред неколку години се проверуваше дали се исечени ноктите, дали секој ученик носи марамче, се проверуваа косите, редовно се посетуваше заболекарот и тој ни зборуваше за одржување на хигиената на забите. Се држеа и предавања од сообраќајни полицајци за тоа како е да се биде дел од сообраќајот и кои се правилата. Сето тоа е прекрасно и е прифатено како општествена вредност, а убаво е што за дел од овие работи и денес се зборува по училиштата.

Но она што училишните програми го пропуштаат или не го спроведуваат доволно е емоционалната едукација, на пример: како учениците да се справат со неуспехот, како да се справат со бесот, стравот или тагата. Најчесто само „позитивните“ емоции се прифатени во пошироките средини како училиштата, но понекогаш и во домашната средина.

Она на што ги учиме децата и ги образоваме во училиштата укажува на тоа дека општеството не очекува од децата да знаат како да се справат со расипувањето на забите или појавата на кариес, а ОЧЕКУВА дека децата природно знаат како да го спречат или се справат со губењето на интересот, љубопитноста, спонтаноста или детскиот дух. И кај возрасните постои таа вредност: луѓето што често посетуваат заболекар служат како пример за доследен и одговорен човек за неговото здравје. Тие пак што ќе се изнаплачат убаво ги сметаме за слаби личности.

Ред е и во тоа да се погледне и секој родител, а пред сè, наставниците да погледнат во тоа како ги третираат детските емоции. Така кога дете ќе се расплаче, кажете: „Ако, нека се испразни“ или укажете му на другото дете покрај вас дека не е страшно, ниту пак срамно да се плаче. Истото и во одделенијата, за да се прифати неуспехот, кај дел од децата се појавува плачот, кај дел бесот. И нема да настане хаос ако го изразат тоа, доволно е само вие како наставници или родители да го препознаете, да не го осудувате и секако да го ислушате. Понекогаш и да го објасните. Не како некоја девијантна појава, туку како нешто што го има во секој од нас и дека додека не се научи како да се справува и каде да го изразува тоа, ќе биде само гушнато и прифатено. Во спротивно тоа може да се натрупа како незадоволство или да се проектира токму во губење интерес за учење, губење на љубопитноста, спонтаноста и оној детски дух кој е хранлив и за возрасните.

Затоа, ако ништо друго, убаво е да се потсетуваме дека за разлика од сообраќајот, каде што има добро и лошо однесување и по лошото однесување може да настанат лоши последици, во емоциите нема добри и лоши. Сите емоции се израз и, пред сè, реакција на она што се случува во нас или, пак, доаѓа од надворешниот свет. Во нив има крајности во интензитетот, но не во видот. Емоциите се како лепеза од бои, кои за да се спознаат, речиси секогаш е потребно да се изразат. Емоциите се битни за нашиот личен живот, но не заборавајте – и за нашиот културен и духовен живот.

Автор: Никола Дукоски, психолог



912

X