Стремежот да бидат совршени, да не грешат, да бидат секогаш на висина на задачата која нималку не е едноставна им се наметна на родителите во последните години. И сите насоки и совети што ги добиваат од експертите често се сфатени како нешто што се МОРА и ако се случи да погрешат, да ги издаде трпението, родителите се обвинуваат себеси и чувствуваат дека родителството баш и не им оди. А тоа е далеку од вистината. Грешките се дозволени затоа што сме луѓе. И затоа што и на грешките учиме. Тоа се лекции што прават да бидеме подобри, но само ако не се стремиме да бидеме совршени.
Новата книга на клиничкиот психолог Невена Ловринчевиќ „Зошто не треба да бидете совршен родител“ е напишана, како што вели самата авторка, токму како патоказ за родителите кои се стремат да бидат подобри, но не негува илузија дека е можно да се биде совршен. Затоа таа ги претставува замките во кои запаѓаат родителите во текот на растењето на децата, обидувајќи се да бидат безгрижни на тој пат. „Денешните деца се попаметни од нас“, „Најважно ми е моето дете да биде среќно“, „Моето дете е исклучително“, „Не сакам да ја сопирам личноста на детето“…
Меѓу другото, ќе ја издвоиме замката:
Учителката е неправедна
„Има една двојка по математика, наставничката е многу строга.“
„Не вреди, таква е државата, само нечесните може да успеат…“
„Како да напредувам во таква средина? Во сите три фирми во кои работев не се ценеа знаењето и способноста.“
Примери
Саво (14 години) често на училиште ги удира децата, ги турка, ги фрла нивните работи. По последниот инцидент кога помало дете фрли во контејнер, мајката на Саво ја повикале на училиште и таа му објаснила на психологот: „Саво е добар… Тој само сака да си игра со децата. Но, тие го задеваат и не сакаат да си играат со него…“
Намера
Сакате да го поддржите детето така што за проблемот со кој тоа се соочува барате одговорни од опкружувањето. Навистина верувате дека за проблемот на детето или за предизвикувачките ситуации со кои се среќава се одговорни други лица.
Факти
Тоа дека некој друг е одговорен за тоа како се чувствуваме и што правиме е многу фрустрирачко, но парадоксално и сосема спротивно – тоа е релаксирачка позиција за нас. Бидејќи ако други се одговорни за нашето незадоволство, тогаш нам ни останува само да се приспособиме на другите и ништо друго, бидејќи моќта нешто да се промени е нивна. Па така, наше е да протестираме, да се лутиме, а кога се однесуваме деструктивно или несоодветно, да укажеме на тоа кој е одговорен за нашето однесување. И чекаме тој некој да се промени. Што по правило, се разбира, не се случува. И така, остануваме заглавени.
Ако се насочиме на тоа однесувањето да не го толкуваме во термините добро-лошо, туку функционално-нефункционално, работите стануваат малку појасни. Тоа што строгоста на наставничката по математика ја доживуваме како причина за лошо постигнување на нашето дете тешко ќе нè насочи кон соодветни решенија. Ако е навистина строга, таа не е од вчера таква и не е само кон вашето дете. Освен ако нејзината строгост практично крши некои прописи, тогаш вие на нејзините поголеми барања не можете да влијаете. Затоа наместо да се занимавате со наставничката, пофункционално ќе биде да увидите што е она што вашето дете може да го направи за да има поголеми достигнувања. Нема да биде лошо ако можете да ги приспособите своите очекувања, па наместо со петка, да бидете задоволни и со тројка или четворка, ако процените дека детето се трудело.
Дали сум на погрешниот пат?
-Го согледувате однесувањето на другите луѓе со кои вие или вашето дете сте во контакт и имате свои ставови и уверувања за нивното однесување – НЕ СТЕ на погрешниот пат.
-Ја увидувате причинско-последичната врска помеѓу однесувањето на вашето дете и однесувањето на некоја друга личност – НЕ СТЕ на погрешниот пат.
-Увидувате удел кој вашето дете или вие го имате во комуникацијата со другите лица – НЕ СТЕ на погрешен пат.
-Понекогаш сте лути и фрустрирани поради однесувањето на другите луѓе – НЕ СТЕ на погрешен пат.
-Очекувате во проблематични ситуации во кои вашето дете се нашло надлежните да ги почитуваат правилата и законот – НЕ СТЕ на погрешен пат.
-Во повеќето ситуации кои за вашето дете се проблем сметате дека некои други лица се одговорни – СТЕ на погрешен пат.
-Очекувате луѓето да го променат своето однесување затоа што вие сметате дека треба да го сторат тоа – СТЕ на погрешниот пат.
-Очекувате надлежните да ги занемарат правилата затоа што вие сметате дека не се во ред или дека е потребно од некоја причина да не важат за вашето дете – СТЕ на погрешниот пат.
Однесување на детето кое може да го очекувате
-Незрели облици на однесување во однос на она што се очекува на таа возраст.
-Чести напади на бес, можна физичка и вербална агресивност во однос на врсниците.
-Тешкотии во прифаќањето авторитет, со можни агресивни испади.
-Неподготвеност за предизвикувачки и потенцијално непријатни ситуации.
-Послаби постигнувања во однос на способностите.
-Проблеми со истрајноста во некоја активност, лесно откажување.

Можни исходи
-Низок праг на фрустрациска толеранција
-Неподготвеност за напор и непријатност
-Емоционална и социјална незрелост
-Лош развој на работните навики
-Тешкотии во прифаќањето на правилата
-Неподготвеност за преземање одговорности, несамостојност и пасивност во однос на училишните и другите обврски
-Недостиг на упорност и истрајност
-Чести промени на работата и неефикасност
-Тешкотии во партнерските и пријателските односи
Совет
-Во различни ситуации со кои се соочува детето додека расте, а кои носат позитивни и негативни искуства, укажувајте му на детето на причинско-последичните односи. На пример: „Гледаш дека одлично го направи тестот откако вежбаше задачи“, или „Веројатно требало повеќе да вежбаш за оценката на тестот да биде подобра.“
-Разговарајте со детето за тоа што би можело различно да направи за да го постигне она што го сака (што му е важно).
-Опоменете го детето кога во дискусиите ја префрла вината на друг вртејќи му го вниманието на тоа дека таа личност не можеме да ја промениме.
-Ако детето во некоја проблематична ситуација постојано реагира на ист начин, а не е задоволно со резултатот, помогнете му да увиди дека е време да размисли што може да направи поинаку. На пример, ако има проблем со пријател кој го задева, што обично прави? Прави другиот да престане и да се вознемири? Дали тоа има ефект? Ако нема, разговарајте за тоа со што друго би можел да се обиде. Дали одлучно се спротивставува? Да игнорира? Да ја извести учителката? Изборот станува полесен ако не размислуваме во категории добро-лошо, туку ефикасно-неефикасно и ако не се концентрираме само на она што не можеме да го направиме, туку и на она што можеме.
-Во процесот на воспитувањето, приближете му го на детето уверувањето дека не сме одговорни за тоа како се однесуваат другите луѓе, но и дека тие не се одговорни за тоа како ние се однесуваме. Во секоја ситуација имаме можност да избереме што ќе направиме.
Порака: Колку сме поподготвени за преземање одговорност за она што сме го правеле во минатото и она што го правиме сега, толку ќе бидеме поспремни за донесување одлуки во иднина. А со преземање одговорност за својот живот и своите постапки, навистина созреваме.