Воспитување

„Не е нормално 14-годишно девојче нонстоп да седи дома“. Што велат 3 експерти?

По алармантните податоци кои покажуваат застрашувачки пораст на зависноста од екраните кај децата од 10 до 17 години во споредба со истиот период лани и септември 2019 година, ги прашавме експертите за воспитување деца – проф. д-р Ранко Рајовиќ, животниот тренер Тања Хрватин Шимиќиќ и Матеја Мариниќ, дипломиран рехабилитационен едукатор – како да се вратат децата на „правиот пат“, оној во кој безгрижната и слободна игра со врсниците во реалниот свет повторно ќе им биде на врвот од листата со приоритети.

Кај децата од 10 до 17 години времето што просечно го поминале на интернет порасна за 66 отсто, додека играле игри дури 75 отсто повеќе од времето. Ова се резултати на неодамна објавена студија на германски научници од Центарот за зависности на деца и млади Хамбург-Епендорф, кои биле претставени во Берлин. Во студијата учествувале 1.200 семејства со деца на возраст од 10 до 17 години, а добиените податоци се споредени со оние од септември 2019 и април 2020 година. Затворањето на училиштата поради пандемијата со коронавирусот, намалениот број обврски и одвоеноста од врсниците дополнително го продлабочија проблемот меѓу младите – зависност од екраните. „Вишокот“ време децата денес повеќе не го користат како генерациите пред нив, во безгрижна игра со пријателите на игралиште и во парковите, а за тоа не е виновна короната, туку стилот на живот кој го диктираат модерните технологии поради кои децата сè помалку се дружат во реалниот свет, па често се губат фантазијата, креативноста, желбата за игра…

„Непоимливо ми е што мојата 14-годишна ќерка поголемиот дел од времето го поминува дома. Има една пријателка со која повремено се шета, одат до најблиската слаткарница на сладолед и тоа е сè. Кога ќе се сетам на себе во нејзините години, родителите буквално мораа да ме викаат да одам дома. Дома седев неколку минути, за брзо да го изедам ручекот, а по цел ден трчавме по парковите, игравме криенка, смислувавме предизвици… Тоа беше детство. Како мајка сум многу загрижена, иако мојата ќерка е одличен ученик, вредна е и одговорна… Но, животот не е само училиште и оценки, животот се учи во контакт со другите. Се плашам дека нема да биде приспособена и нема да биде подготвена за она што ја чека во светот на возрасните“, го раскажува своето искуства 43-годишна загрепчанка.

Кога детето ќе почне прекувремено да гледа во екраните, сè повеќе губи интерес за слободна игра

Дека социјалната отуѓеност на новите генерации е и тоа каков проблем, потврдуваат сите психолози. Иако, се разбира, има деца кои растат на начин кој некогаш бил вообичаен, во интеракција со врсниците, постои цела „војска“ на оние чија социјална, но и емоционална интелигенција не е на ниво на кое би требало да бидат, а – се согласуваат психолозите – главен виновник за тоа се екраните.

„Кога детето ќе почне прекувремено да гледа во екраните, сè повеќе губи интерес за слободна игра која бара креативност и концентрација и сè потешко се забавува, а на родителите тоа им е преголем стрес во однос на времето кога детето е хипнотизирано пред екраните. Екраните даваат инстант-задоволство во многу големи дози, што резултира со досада во секојдневниот живот на детето. Ништо надвор од тоа не може да му даде толкаво задоволство. На децата денес им недостига самостојна игра и досада. Екраните се голем предизвик, поради што децата сè потешко се носат со проблемите, имаат помалку социјални компетенции, намалени способности за решавање проблеми, упорност, креативност и концентрација. Тоа е преголем минус во односот на оние букви што ги научило на англиски. Најквалитетно е искуственото знаење, а она собрано преку екраните не е искуство“, вели Тања Хрватин Шимиќиќ.

И Матеја Мариниќ, дипломиран рехабилитационен едукатор, се согласува дека класичната игра им помага на децата во осознавање на светот околу себе, па нејзиниот недостиг може да биде голем проблем. „Преку играта детето учи за односите, усвојува непишани правила, вежба одредени улоги, развива вештини за комуникација и слично. Во играта детето самостојно носи одлуки – постепено согледува дека неговите дела имаат и одредени последици. Ги воочува поврзувањата помеѓу причината и последиците. Спознава дека тие како такви може да ја обликуваат и да влијаат врз околината во која се наоѓа. Низ слободна игра, а тоа е онаа што не претпоставува структура, одредени правила или однапред дефинирани улоги, детето стапува во контакт со својата креативност, ги открива сопствените интереси, самостојно го одредува темпото според кое нешто прави. На тој начин детето најдобро се запознава себеси и она што навистина ќе биде. Таквите искуства за контакт со самиот себе се неизмерно важни бидејќи ќе им бидат од голема помош во возрасната доба, на пример, при донесување одлука за професијата на која сакаат да ѝ се посветат“, смета Мариниќ, напоменувајќи дека како општество сме заборавиле на капацитетите кои детето природно ги има во себе, а кои му помагаат во самостојниот развој, па многу родители ги водат децата од една активност на друга, пуштајќи други да им го структурираат времето.

Мозокот на детето учи дека уредот е оној што ќе го смири, а не возрасното лице со својата прегратка

„Слободно можам да кажам дека сите вештини што ќе му бидат потребни на детето кога ќе стане возрасно се градат во детството преку игра, без разлика дали зборуваме за креативност, внимание и концентрација, толеранција на фрустрација, планирање, тимска работа, комуникациски вештини и однесување кон другите“, смета овој експерт напоменувајќи дека токму родителите се прва линија во одбраната против прекумерното користење екрани. Мозокот на детето учи дека уредот е оној што ќе го смири, а не возрасното лице со својата прегратка, разговор или цврсто поставени граници, но и учи дека баш сè му е „сервирано“ на екранот и дека воопшто не мора да се труди за да го пополни времето. А за досадата како важна ставка во развојот на секое дете, говори д-р Ранко Рајовиќ, автор на НТЦ-системот за учење и експерт за воспитување деца.

Децата добиваат сè и сега, не знаат да чекаат или самите да се изборат со досадата

„Досадата е сигурно поттикнувач на креативноста, бидејќи така настанала цивилизацијата. Кога луѓето го пронашле огинот, го намалиле времето на џвакање на 30 минути дневно, ослободиле повеќе време и така создале досада. Веднаш почнале да смислуваат повеќе работи, корисни алати, да ја обработуваат земјата… Повеќето родители ја искусиле досадата во детството и никој не им помагал, бидејќи тогаш децата оделе на игралиште, играле со популарни игри или смислувале нови. Денес тоа, за жал, не е така бидејќи штом детето се пожали дека му е досадно – веднаш се вклучува некое помагало – ТВ, лаптоп или видеоигри. Така децата веднаш добиваат сè и сега, не знаат да чекаат или самите да се изборат со досадата… Тоа дефинитивно ќе има последици, а тоа се деца што немаат толеранција. Важно е да им се дозволи да се досадуваат и самите да го решат тој проблем“, вели д-р Рајовиќ и наведува неколку конкретни примери што го вознемириле.

„Нашите деца растат во виртуелен свет. Пред неколку години навистина бев во шок кога видов дека на видеоигри пишува 4, 5, 6, 7. Мислев дека тоа е ознака за возраста на детето за кое е наменета играта. Потоа ми рекоа дека тоа е ознака за стапката на насилство во играта, колку има крв, дали се отсечени раце, нозе, глави. Многу родители ме прашуваат за помош бидејќи не знаат како да го одвикнат детето од игри. Играњето игри создава зависност бидејќи мозокот лачи преголеми количини ендорфин, што предизвикува преголеми количини среќа. Сум слушнал од пријател, кога оделе на море, нивните два сина од 9 и 12 години не сакале да одат на море бидејќи им било убаво дома. На море сепак отишле, а кога дошле таму, ретко кога сакале да одат на плажа, велеле дека ги боли глава, дека било јако сонцето… Што правеле? Седеле во хотелот и играле видеоигри. Што ќе прави детето, кое не знае да ја реши досадата, за 5 или 10 години? Ќе биде фрустрирана личност со праг на толеранција нула. Тоа дете мора да добие сè сега и веднаш, не може да чека. Тоа се новите генерации деца што ни пристигнуваат“, заклучува д-р Рајовиќ.

Извор

Поврзани написи

To top