Има деца за кои возрасните велат:
„Знае, ама не сака“,
„Пет пати му повторив, пак не го направи тоа“,
„Само седи, гледа во празно, ништо не работи“.
Но кога ќе навлеземе подлабоко, реалноста е поинаква. Овие деца не се мрзливи, не се инаетливи, не се немотивирани. Тие се соочуваат со невидлив предизвик, а тоа се тешкотии во егзекутивните функции. Егзекутивните функции се таканаречен директорски тим во мозокот. Тие ни овозможуваат да планираме, организираме и извршуваме задачи, да задржиме внимание и да не се расејуваме, да паметиме упатства и да ги примениме, да ги контролираме импулсивноста и емоциите, да се приспособуваме на промени и да решаваме проблеми. Кај некои деца овие функции побавно се развиваат или се нарушени како дел од состојби како АДХД, аутистичен спектар, дислексија, анксиозност, но и кај сосема типични деца кои имаат потреба од дополнителна стимулација. Кога егзекутивните функции се слаби, детето заборава што треба да направи, не знае од каде да почне, започнува, но не завршува, лесно се фрустрира, има тешкотии при промени во планот. И повторно, не затоа што не сака, туку затоа што не може без соодветна поддршка.
Зошто се важни егзекутивните функции кај децата?
Егзекутивните функции играат огромна улога во секојдневното функционирање и развојот на детето. Тие им помагаат на децата да се фокусираат на задачите, поефикасно да учат и да ги задржат информациите што им се потребни за успешно завршување на активностите. Благодарение на нив, детето полесно воспоставува и одржува социјални односи бидејќи егзекутивните функции го поддржуваат социјалното однесување и комуникацијата. Покрај тоа, тие се клучни за развивање на способноста за решавање проблеми и носење правилни одлуки, вештини кои се потребни не само во училиштето, туку и во секојдневниот живот. Егзекутивните функции имаат и значајна улога во регулирањето на емоциите, што е од суштинско значење за здрав психо-емоционален развој. Кога овие функции се добро развиени, детето станува посамостојно, сигурно во себе и способно да презема одговорност за своите постапки и избори.
Како се развиваат егзекутивните функции?
Развојот на егзекутивните функции започнува уште во најраното детство и продолжува постепено да се надградува сè до раната младост. Во овој долг процес мозокот постојано се менува и учи преку искуствата што детето ги стекнува, преку играта, како и преку интеракциите со другите луѓе. Особено е значајна улогата на родителите и самата средина бидејќи тие се факторите што најмногу можат да го поттикнат или, пак, да го ограничат овој развој. Воведувањето рутина, создавањето структурирани активности и поттикнувањето игри кои бараат внимание, планирање и соработка се едни од најмоќните начини за зајакнување на егзекутивните функции кај децата. Со правилна поддршка и богати искуства, детето постепено ги усвојува овие вештини кои ќе му помогнат во сите области од животот.

Како да ги препознаете предизвиците со егзекутивните функции?
Не ви требаат сложени тестови за да започнете. Првиот чекор е набљудување и разбирање во секојдневни ситуации. Пример: Дали детето започнува задача самостојно или чека постојано потсетување? Колку долго останува фокусирано? Како реагира кога нешто не му успева? Ги губи ли често своите работи? Тешко ли се снаоѓа кога има нови правила? Како се справува со повеќе чекори одеднаш? Потоа следуваат прашалници, скали и набљудувачки листи за родители или наставници, а процената не е за да се етикетира, туку за да се разбере детето и да се најде вистинската поддршка. Приспособената поддршка е пристап приспособен на детето, а не на возраста. Таа вклучува стратегии, визуелни помагала и игри кои ја градат секоја егзекутивна вештина. Поддршката не е само обука или учење нови вештини, туку процес кој го поттикнува детето да стекне самодоверба, да стане автономно и да се подготви за сложените животни предизвици што го очекуваат. Овој пат кон зрелоста и автономијата е различен за секое дете, па затоа е важно да му пристапиме со трпение, љубопитност и разбирање, а не со осуда и нетрпеливост. Со вистинска едукација, процена и приспособена поддршка, ние како родители, наставници и стручни лица можеме да им дадеме на децата алатки што ќе им служат цел живот, да бидат способни, самоуверени и среќни личности кои успешно ќе го обликуваат својот пат. Во суштина, инвестирањето во развојот на егзекутивните функции е инвестиција во нивната иднина и благосостојба, која ќе им овозможи да ги остварат своите потенцијали и да живеат исполнет и автономен живот.
Автор: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор, наставник ментор, реедукатор на психомоторика