Воспитување

Не барајте грешки, туку решенија

Честопати првата реакција на родителите кога детето ќе направи грешка е несоодветна. Драгана Алексиќ, семеен тренер, порачува дека критикувањето на децата не нуди решение, ниту води до јакнење на нивната самодоверба и мотивација.

„Не можам да верувам, пак си го истурил сокот! Види на што ти личи собата, зарем не ти е срам? Како си ги средил работите во орманот, катастрофа! Среди ги повторно!“

На прв поглед ова се вообичаени коментари за некоја активност на детето и навистина немаат лоша намера. Меѓутоа, реакциите ни покажуваат дека тие всушност влијаат врз личноста на која ѝ се упатени. Размислете како сте се чувствувале вие кога вашите родители така се однесувале кон вас? Ако ви се јавувало чувство на непријатност, грч во стомакот или чувство на бунтување, а не е исклучено и денес така да се чувствувате во исти или слични ситуации, тогаш овие критики негативно ви влијаеле.
Никој не сака критика. Ако е така, тогаш зошто вие му ја упатувате на вашето дете, каков резултат очекувате од неа и што ќе промени таа?

Критиките од обична ситуација прават сериозен проблем

Негативниот коментар, критиката, всушност, укажува дека личноста направила нешто погрешно, меѓутоа, ако ја гледа само грешката, како ќе знае кое ќе биде решението? Од друга страна, кога коментирате дека нешто е лошо, прашајте се каков резултат посакувате вие? Дали сакате детето да знае дека погрешило и да се чувствува лошо поради тоа или сакате да го направи нештото како што треба и како што очекувате од него?
Како прво, детето што го истурило сокот знае дека направило нешто „лошо“, нешто што не го очекувало и сега ја чека вашата реакција. Коментарите од типот „леле, колку си невешт, треба да внимаваш! Сега сам да го исчистиш тоа, нема веќе сок за тебе!“ од една обична ситуација направиле многу посериозен проблем.

Ако ова се повтори повеќепати, детето ќе изгуби доверба во себе и во своите способности и ќе почне навистина да мисли дека е неспособно и најверојатно ќе почне да бара вие да му давате сок кога ќе посака. Навистина го сакате тоа? Тогаш ќе добиете чист под и несигурно дете.

Давајте конструктивни критики

Ова е еден банален и секојдневен пример кој јасно отсликува зошто наместо негативна, треба да давате конструктивна критика.
Како? Едноставно променете го начинот на кој ќе ја кажете критиката.
Во зависност од возраста на детето и од неговите моторички способности, употребете некој од овие примери:
1. Ти се истури сокот? Сега ќе ти покажам како да го исчистиш подот, а потоа обиди се пак, повнимателно.
2. Со едната рака држи ја чашата, а со другата тури го сокот внимателно.
3. Ти држи ја чашата, а јас ќе ти налеам бидејќи шишето е тешко.

Сите примери укажуваат на решение, нема лошо чувство кај детето, а тоа учи од искуството.
Речениците што укажуваат на решение на проблемот го мотивираат детето да размислува во правец на наоѓање решение и му ги зајакнуваат мотивацијата и самодовербата. А вашата цел е токму таа.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер

 

Поврзани написи

To top