Лекарите советуваат да се внимава на хигиената, а децата навреме да се носат на преглед

Стомачни болки, проливи, повраќање, главоболки, зголемена телесна температура се симптомите на воспаленија со кои периодов често се соочуваат децата, меѓу луѓето познати како стомачни вируси. Децата се почувствителни на нив зашто немаат изградено одреден имунитет, па неретко овие вируси знаат да ги доведат до дехидрирање. И кај матични педијатри и кај дежурните лекари врие од деца со стомачни вируси. Советуваат да се внимава на хигиената, а и децата навреме да се носат на преглед.

Од Клиниката за детски болести велат дека веќе некое време има зголемен број на пациенти – деца со стомачни болки, дијареја (проливи) и повраќање.

– Во текот на празниците беа прегледани 414 пациенти, а беа хоспитализирани 125 деца и 93 мајки што се придружба. Преовладуваат ентероколити. Трендот продолжи и по празниците. Децата имаат стомачни болки, дијареја и повраќање – велат од Клиниката.

Лекарите ги викаат ентероколити, гастроентерити или гастроентероколити, во зависност од тоа во кој дел од телото, т.е. органите за варење е воспалението. Станува збор за состојба која може да ја предизвика вирус, бактерија, а може да се појави и поради други причини, како нетолеранција на храна, поради лекови…

Д-р Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести, каде што исто така се прегледуваат деца со вакви проблеми, вели дека вирусите се најчеста причина за гастроентероколити кај децата.

Чисти раце, чиста храна

– Секако, тоа не значи дека не може да станува збор за бактерија – вели таа.

Д-р Стефановиќ објаснува дека не е едноставно да се ограничи комуникацијата на децата, но затоа треба да се внимава рацете на децата да бидат чисти, да јадат чиста храна. Голем дел од вирусите што предизвикуваат стомачни проблеми се пренесуваат преку контакт.

Се препорачува да се користат средства за дезинфекција на рацете, темелно да се мијат овошјето и зеленчукот пред јадење и термички да се обработи месото, исто така, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки.

Да се избегне дехидрирање

Матичниот педијатар д-р Весна Стојанова-Атанасовска вели дека дневно прегледува по 20-30 деца со т.н. стомачни вируси.
– Освен проливи, повраќање, главоболки, децата може да имаат и зголемена телесна температура. Има дечиња што додека да дојдат на преглед, веќе имале 5-7 проливи. Но имам случај кога детенце во 24 часа имало пролив 30 пати – вели докторката.

Таа советува да се јаде храна полна со витамини и минерали, да се внимава со кого ќе бидат децата во контакт и да не се заборава на пробиотиците, кои ја регулираат цревната флора.
– Мојот совет е родителите навреме да преземат мерки и да побараат помош кога ќе се појават симптомите за да се избегне дехидрирање на детето – додава таа.

Инаку, рота вирусот, кој е исклучително заразен, е една од најчестите причини за вакви проблеми кај децата. Периодот на инкубација, времето откако ќе го нападне организмот до појавата на првите симптоми, е околу 48 часа. Предизвикува поизразени симптоми во споредба со стомачните инфекции предизвикани од други типови вируси, најчесто кај децата. Два вида аденовирус исто така предизвикуваат воспаленија, а периодот на инкубација им е околу една недела. Може да предизвикаат сериозни состојби зашто дијарејата може да трае и до две недели. Проблеми знаат да направат и видови на астровирусот, за кои на возраст од 5 до 10 години 75 отсто од децата имаат антитела.

Наташа Бошковска-Златкова



912

X