Оваа година националните тестови се пилот-проект, а веќе од идната година дел од оваа новина ќе бидат третоодделенците, петтоодделенците и деветтоодделенците. Резултатите нема да бидат впишани во свидетелствата, туку државата ќе ги користи за интерни анализи
Првпат во Македонија околу 3.400 третоодделенци од различни училишта беа дел од националното тестирање. Вчера учениците полагаа македонски јазик, а утре ќе го полагаат предметот математика.
– Оваа година националните тестови се пилот-проект, а веќе од идната година дел од оваа новина ќе бидат третоодделенците, петтоодделенците и деветтооодделенците. Резултатите нема да бидат впишани во свидетелствата, туку државата ќе ги користи за интерни анализи.Од она што го добивам како информација од терен, дечињата биле задоволни од прашањата, односно од нивната тежина. Како што ми јавуваат од училиштата, процесот поминал во најдобар ред. Со тоа паѓаат во вода шпекулациите дека ќе биде тешко. Јас присуствував во едно скопско училиште во Карпош, „Петар Поп Арсов“, ги видов дечињата, кои беа подготвени за тестот. Им реков дека тие сте се репрезентацијата на Македонија – вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, институцијата која го организира целиот процес.
Ова е пилот-проект, а понатаму замислено е да има базен со прашања кои учениците ќе можат да ги вежбаат. Резултати од денешното тестирање ќе има по три месеци. Оценувачите се избрани на конкурс, тоа се наставници кои ќе ги оценуваат тестовите по клуч, како што се оценува и државната матура.
Оценувањето ќе биде објективно. Тестот е правен по теркот на меѓународните тестови. По предметот мајчин јазик имаше три мали текста, за кои имаше прашања. Во делот за граматика, имаше, на пример, напишано „Вардар“ со мала буква, па тие требаше да напишат како е правилно. Имаа задача да откријат кои зборови се погрешно напишани. Имаа текстови кои не беа предолги, за кои имаа интересни прашања, кои беа со заокружување, дополнување или, пак, со пишување. Имаше повеќе комбинации на прашања. Она што е важно е дека учениците не беа под стрес, беа релаксирани бидејќи знаеја дека тоа знаење нема да им влијае врз севкупниот просек – вели директорката Наумовска.
Утре учениците ќе го полагаат и вториот предмет – математика. Како што додава Наумовска, прашањата нема да бидат многу тешки. Тие се приспособени на возраста на учениците.
– Целта е да се види колку ученикот може да има применливи вештини во реалниот живот. Има илустрација со монети, па ќе треба да ги соберат и да кажат колкав е збирот. Ова се прави за да знаат во продавница кои монети да ги дадат кога нешто купуваат. Ова е математика што не подразбира само сувопарно собирање и одземање – појаснува директорката Наумовска.
912