Науката докажа дека постојат многу придобивки за детето кога има сестра – иако можеби токму во овој момент се сетивте на сите расправии со сестра ви или вербални пресметки околу омилената облека.
– Сестрата ви помогнала да развиете социјални вештини, како комуникација, компромис и преговори. Дури и конфликтот меѓу браќата и сестрите може да поттикне здрав развој – вели Алекс Јенсен, асистент на американскиот Универзитет „Бригам Јанг“ и автор на истражувањето на односите меѓу браќата и сестрите.

Сестрата е важна за менталното здравје

Ви треба помош? Повикајте ја вашата сестра. Истражувањето објавено во 2010 година во списанието „Џурнал оф фемили сајколоџи“ покажува дека сестрите помагаат и штитат од осаменост, недостиг на љубов, чувство на вина, себичност и страв.
– Резултатите покажуваат дека сестрите се важни за менталното здравје, а подоцна во животот, кога ќе починат родителите, тие често ги одржуваат контактите во семејството – објасни Јенсен за порталот „Мадерли“.

Ве прави почувствителна личност

Истото истражување покажува дека сестрата може да ви помогне да станете пољубезни, да помагате и да дарувате. Тоа е така затоа што сестрите поттикнуваат на позитивно социјално однесување, како што се сочувство и алтруизам, бидејќи лесно ги покажуваат својата љубов и наклоност. Силата на ова влијание не е поврзана со односите со родителите.
– Дури и ако се караат по малку, сè додека има љубов, односот ќе биде позитивен. Ако се караат браќата и сестрите, мора да ги регулираат емоциите. Тоа се вештини кои ќе им бидат важни подоцна во животот – објасни за „Еј-би-си њуз“ авторката на истражувањето – Лаура Падила Вокер, професорка на Универзитетот „Биргам Јанг“.

Сестрата ги „изострува“ вештините што се потребни за меѓучовечки односи

Испаѓа дека сестрата може да ве научи многу работи за решавањето конфликти, емпатијата и како да се негуваат другите. Според Џефри Клугер, автор на книгата „The Sibling Effect“, можете да научите како да се носите со аргументите или ситуациите што ескалирале со вашата „борбена“ и „физички застрашувачка“ постара сестра.
Од друга страна, Клугер вели дека ако имате помала сестра која е несигурна и на која ѝ треба водач, тоа ќе ви помогне да станете грижливи или емпатични кон другите. Научниците откриле дека мажите што растеле со сестри биле подобри во комуникацијата со жените во споредба со оние што биле единци или имале само брат (истото ова важи и за обратната ситуација).
– Некои истражувања посочуваат дека ако лицето има брат или сестра, односно ако е од спротивен пол, може навистина да има корист во адолесценцијата. Многумина станале поблиски со браќата и сестрите во пубертетот бидејќи тие им се информација за спротивниот пол – објаснува Јенсен.

Сестрата ве учи на независност, амбиција и рамнотежа

Истражувањето на британските психолози од 2009 година покажало дека лицата што пораснале со најмалку една сестра се поодлучни и понезависни од оние што растеле само со браќа. Коавторот на истражувањето, Тони Касиди од Универзитетот „Улстер“, објасни за „Дејли мејл“:
– Станува збор за внатрешна желба секогаш да се стремиме кон подобро, кон поставените цели. Секако, се чини дека постои нешто околу семејствата со повеќе ќерки, тие повеќе водат кон поттикнување успех и независност.
Тоа истражување опфати 571 испитаник на возраст од 17 до 25 години, а откри дека сестрите им помагаат на браќата да постигнат внатрешен мир. Од друга страна, тие биле посреќни и пооптимистични од своите колеги.

Зошто сестра, а не брат?

Сето тоа има врска со изразувањето емоции.
– Жените отвораат канали за комуникација и повеќе се изразени во животните ситуации, што е позитивно. Емотивното изразување е важно за добро психолошко здравје, а сестрите го поттикнуваат – објасни Касиди.



912

X