Разводот на бракот не е лесен процес за никого, особено за децата кои целосно се зависни од своите родители. Последниве месеци, поради пандемијата на коронавирусот и карантините, расте бројот на разводи на глобално ниво. Тоа прво почна да се забележува токму таму каде што пандемијата започна, во Кина, каде што е регистриран рекорден број на барања за развод. Во некои адвокатски канцеларии порастот е околу 50 отсто. Разводот е стресен за целото семејство, но повеќето деца сепак успешно ја совладуваат таа промена и растат во здрави лица, додека само дел од нив доживуваат емотивни тешкотии поради кои последиците ги следат и во текот на возрасниот живот. Еве неколку научно докажани ситуации што може да ги преживуваат децата на разведени родители:
1. Децата може да се лутат поради разводот
Ако размислите, лутината има смисла. Целиот нивен свет се менува, а тие на тоа не можат да влијаат. Лутината како реакција на разводот може да се појави кај децата од сите возрасти, но најчеста е кај оние од основно образование и кај тинејџерите. Чувството на лутина може да биде последица на чувството на напуштеност или губиток на контрола. Лутината може да биде насочена и кон себеси, со оглед на тоа дека децата често се обвинуваат поради разводот на родителите.
2. Децата може социјално да се изолираат од врсниците
Може да се случи вашето вообичаено дружељубиво дете одеднаш да стане многу срамежливо или „тешко“. Може дури и да се плаши од социјални контакти, како дружење со пријателите или присуствување на училишни настани. Губењето на самодовербата е поврзано со разводот и повлекување во себе, па треба да се работи на зајакнување на детската самодоверба.
3. Нивните оценки може да се влошат
Децата што поминуваат низ развод на родителите може да имаат полоши оценки, а може да се случи и да отсуствуваат од часовите. Овие последици се гледаат веќе кај децата во прво одделение, но поизразени се кај деца на возраст од 13 до 18 години. За тоа постојат неколку можни причини, од тоа децата да се чувствуваат занемарено, а можно е и да се депресивни или растроени поради судирот помеѓу родители.
4. Децата може да чувствуваат анксиозност
Една од можните последици на разводот е чувството на анксиозност од одвојување. Се јавува кај малите деца, а се изразува со засилено плачење и зголемена потреба за блискост. Се разбира, тоа може да биде само развојна транзиција која почнува помеѓу 6. и 9. месец, а престанува на 18 месеци. Но и постарите деца може да покажат знаци на анксиозност поради одвојување или може да го побара другиот родител кога едниот не е во близина. Некои деца добро реагираат на визуелни алати како календари на кои јасно се означени датумите за дружење со другиот родител.
5. Децата од претшколска возраст може да заостануваат во развојот
Децата на возраст помеѓу 18 месеци и 6 години на разводот може да реагираат со однесување како мокрење во кревет, цицање на палецот и нервоза. Таквите однесувања може да бидат знак за зголемен стрес или тешкотии во приспособувањето на промени. Во ваквите ситуации клучно е да се осигурате дека вашето дете се чувствува сигурно.
6. Нивниот ритам на исхрана и спиење може да се промени
Истражување спроведено во 2019 година го поставило прашањето дали децата ја носат тежината на разводот. Иако индексот на телесна маса не се зголемува веднаш, тој со текот на времето може да биде значително поголем кај децата чии родители се развеле во однос на децата што не поминале низ развод. Овие последици се највидливи кај децата кои во времето на разделбата биле помлади од 6 години. Децата од сите возрасти може да имаат проблеми со спиењето, а тоа може да придонесе и за зголемување на телесната тежина. Некои деца може да имаат и кошмари.
7. Децата може да изберат страна
Научниците предупредуваат дека кај децата чии родители се расправаат се јавуваат когнитивни дисонанции и конфликт на лојалност. Всушност, децата се чувствуваат непријатно бидејќи се наоѓаат во средината и не знаат дали треба да заземат некоја од страните. На непријатноста децата може да реагираат со зголемени болки во стомакот или главоболка. Конфликтот на лојалност може да стане поизразен како што растат децата, што може да доведе до целосен прекин на контактот со едниот родител, со тоа што децата ќе одберат страна, но со текот на времето може и да ја променат.
8. Децата може да станат депресивни
Иако иницијално децата се чувствуваат тажно поради разводот, истражувањата покажуваат дека децата од разведени родители имаат ризик за развој на клиничка депресија. Особено е загрижувачко тоа што некои од нив се изложени на поголем ризик од самоубиство или обид за извршување самоубиство. Во најголем ризик се децата постари од 11 години, со тоа што момчињата се изложени повеќе на ризик од суицидни мисли за разлика од девојчињата. Во такви ситуации многу е важно да се побара стручна помош.
9. Може да се впуштат во ризични однесувања
Злоупотреба на алкохол и дрога, агресивно однесување и рана сексуална активност се можни однесувања што следуваат по разводот на родителите. Истражувањата покажуваат дека тинејџерките што живеат без татко порано стапуваат во сексуални односи, додека за момчињата не постои таков ризик.
10. Може подоцна да имаат слични проблеми во своите врски
Постои голема можност децата на разведени родители, откако ќе стапат во брак, исто така да се разведат. Се смета, имено, дека разводот на родителите влијае и врз односот на децата кон врските. Тие може да се помалку заинтересирани за влегување во долгогодишна врска заснована на верност. Истражувањата покажуваат и дека децата на разведени родители почесто живеат во невенчана заедница.
Како да им кажете на децата дека се разведувате?
Треба да се разговара отворено и искрено. Психолозите советуваат разговорот да се изврши две до три недели пред родителите физички да се раздвојат бидејќи тоа им дава на децата малку време да ја процесираат ситуацијата. Кога ќе дознае, детето сигурно ќе има многу прашања. Ќе го интересира со кого и каде ќе живее, каде ќе оди другиот родител, кога ќе го посетува итн.
Експертите советуваат да се разговара со децата во мирен простор. Изберете викенд кога ќе немате други обврски. Неколку дена порано најавете му го разговорот и на наставникот на своето дете. Па така ќе го подготвите во случај детето да почне различно да се однесува. Кажете му на детето дека не ви било лесно да ја донесете таа одлука, дека долго сте размислувале, а проблемите сте се обиделе да ги решите на други начини. Уверете го детето дека тоа не е одговорно за разводот и објаснете му дека еднакво може да ги сака двајцата родители. Обидете се да не ја префрлате вината на другата страна, а на детето дајте му простор да ги покаже своите чувства. Кажете му дека сето тоа е нормално и во ред е ако се чувствува загрижено, луто или тажно, па дека заедно ќе се носите со неговите чувства.
Совети како да им помогнете на децата
Објаснете им дека може да ги делат со вас чувствата и добро слушајте што имаат да ви кажат. Покажете разбирање за фактот дека секое дете различно ја процесира промената. Водете сметка за промените во однесувањето кај децата. Обидете се што помалку да имате кавги со поранешниот партнер бидејќи децата тогаш заземаат страни и повеќе му се лојални на еден од родителите. Ова правило не важи само за децата на разведени родители. Ако детето покажува некои загрижувачки знаци, обратете се на педијатар или психолог.
И на крајот, бидете добри кон себе. Точно е дека на вашето дете му е потребен силен и стабилен родител. Но, не плашете се пред него да ги покажете своите емоции. На крајот на краиштата, и вие сте човечко битие. Сосема е нормално пред децата да ги покажете своите емоции. Експертите тоа дури и го препорачуваат бидејќи велат дека таквите ситуации можат на децата да им помогнат да се отворат.
Не заборавајте, најмногу од сè, вашето дете сака да знае дека ја има вашата љубов.