Воспитување

Научниците се шокирале откако пресметале колкава енергија е потребна во текот на бременоста

Порано се зборуваше дека трудницата мора да јаде за двајца. Подоцна беше откриено дека тоа не е така и дека трудницата навистина не мора да јаде за двајца, па трудниците беа предупредени дека со таков поглед на работите може да се здебелат премногу за време на бременоста. Да, знаеме, нешто се менува постојано, но тоа е сосема нормално. Но, секоја жена што била бремена знае дека бременоста бара многу, многу енергија.

Најновото истражување ги изненади научниците, но не и жените. Имено, тие откриле дека енергетскиот трошок за бременост е околу 50.000 прехранбени калории – многу повеќе отколку што се веруваше досега.

За подобро да ја разјаснат количината на калории или што точно значи тоа, користеле нешто за споредба: тие 50.000 калории ги добивате ако изедете приближно 50 литри сладолед.

Во истражување објавено во списанието „Сајнс“, австралиските научници процениле дека за човечка бременост се потребни речиси 50.000 калории во исхраната во текот на девет месеци. Претходните процени беа помали бидејќи научниците претпоставуваа дека поголемиот дел од енергијата вклучена во репродукцијата е складирана во фетусот, кој е релативно мал.

Но, Дастин Маршал, еволутивен биолог од Универзитетот „Монаш“, и неговите студенти откриле дека енергијата складирана во ткивата на човечкото бебе сочинува само околу 4 отсто од вкупните енергетски трошоци за бременост. Останатите 96 отсто се дополнително гориво кое му е потребно на телото на жената.

Ова откритие дошло од долгорочно метаболичко истражување спроведено од д-р Маршал. Различни видови имаат различни енергетски барања што треба да ги исполнат. Одржувањето висока стапка на метаболизам бара постојан внес на енергија од цицачите. Ладнокрвната змија, пак, може да остане без храна со недели.

Кога д-р Маршал почнал да ги проучува енергетските трошења за репродуктивни цели, тој не можел да најде цврсти бројки. Некои истражувачи претпоставуваат дека индиректните трошоци, односно енергијата што жените ја користат за гориво за сопственото тело додека се бремени може да сочинува само 20 отсто од директната енергија во ткивата на бебето. Но, д-р Маршал не верувал во нивните претпоставки.

Тој и неговите ученици решиле сами да проценат колку енергија е потребна. Тие ја пребарувале научната литература за информации како што е енергијата складирана во ткивата на секое потомство. Тие, исто така, ја барале вкупната стапка на метаболизам на женките додека се размножувале, што научниците можеле да го проценат со мерење на количината на кислород што мајките ја користат.

Најголемото изненадување било кога д-р Маршал и неговите студенти откриле дека кај многу видови индиректното трошење на енергија за време на бременоста е поголемо од директното. Најекстремните резултати се појавиле кај цицачите. Во просек, само 10 отсто од енергијата што женскиот цицач ја потрошил за време на бременоста отишла на нејзиното потомство.

– Бевме шокирани затоа што изгледаше неверојатно високо врз основа на очекувањата од теоријата – рече д-р Маршал.

Може да постојат неколку причини зошто цицачите имаат толку висока индиректна потрошувачка на енергија за време на бременоста. Д-р Маршал претпоставува дека луѓето плаќаат особено висока цена бидејќи жените остануваат бремени подолго од повеќето други цицачи. Тој, исто така, истакна дека новите резултати може да објаснат зошто женските цицачи вложуваат толку многу труд во грижата за своите младенчиња по раѓањето: затоа што вложуваат толку многу напор или енергија за време на бременоста.

– Тие веќе имаат многу потрошено и многу вложено во тој „проект“ – рече д-р Маршал.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top