Раѓањето бебе и станувањето родител е голема промена во животот на жената, па сосема е нормално дека ќе треба време да се приспособи.
Според едно истражување, на новите мајки во просек им требаат 4 месеци и 23 дена за да се приспособат на мајчинството, новороденчето и новиот начин на живот.
Според резултатите од истражувањето, по речиси пет месеци од породувањето повеќето новопечени мајки се вклопуваат во нивните нови рутини и стекнуваат доверба во нивните родителски вештини, учат што значат различните плачења на бебето, престануваат да се грижат за тоа како ќе се однесуваат со бебето во јавноста, учат да носат поголема количина ужина, резервна облека и пелени, а исто така ги надминуваат чувствата на исцрпеност, солзи и фрустрација кои доаѓаат со новото мајчинство. Се разбира, секој човек е различен, па сосема е логично секој нов родител на свој начин да се приспособи на животот со бебе. На некои родители можеби им треба подолго (или пократко), и тоа е сосема во ред.
– Да се стане мајка првпат значи многу измешани емоции, и природно, може да биде целосно поразително. Тоа е една од најдобрите работи што може да му се случат некому, но може да биде и многу страшно.
Истражувачите откриле дека за време на бременоста, секоја втора идна мајка признава дека е нервозна и се плаши да стане мајка, додека една од четири изјавила дека целосно се плаши од мајчинството. Освен тоа, повеќе од половина од испитаните жени за време на бременоста признале дека се чувствувале преоптоварени по породувањето. Дури 57 отсто од нив изјавиле дека нивните први месеци по раѓањето на бебето живееле „како во магла“ затоа што биле загрижени работите да ги направат како што треба.
– Станува збор за огромна промена и природно е да имате сомнеж во себе и да се грижите, но самиот факт дека тие се грижат покажува дека ќе бидат добри мајки – вели Рејнер.
Две третини од анкетираните мајки признале дека грижата и исцрпеноста што доаѓаат со новото родителство често им предизвикуваат солзи. Гледајќи наназад, сепак, шест од десет мајки велат дека посакуваат да не се грижеле толку многу во тоа време.
Некои други интересни податоци од истражувањето:
– 47 отсто од новите мајки биле изненадени колку време им било потребно за правилно да се снајдат во мајчинството.
– Шест од десет доживеале период кога биле загрижени дека не се способни да бидат мајки.
– Третина од мајките што учествувале во истражувањето се чувствувале толку загрижени што во одреден момент му се довериле на пријател или член на семејството дека мислат дека не се добри мајки.
– Една петтина од мајките не разговарале со никого за своите грижи бидејќи не сакале другите да ги сметаат за неуспешни или да признаат дека се борат со нивната нова улога.
– Една од пет новопечени мајки чувствувала дека нивните партнери побрзо се приспособуваат на родителството, што довело до чувство на завист.
– Можеби е смирувачко што толку многу мајки поминале низ истиот период на загриженост, бидејќи покажува колку е вообичаено и очекувано за повеќето новопечени мајки. Важно е да не се плашите да ги изразите овие грижи и да им дозволите на пријателите и семејството да ви помогнат колку што можат. Секогаш ќе биде потребно време да се приспособите, но колку повеќе начини наоѓате за да се справите со тоа, толку побрзо ќе развиете чувство на сигурност како мајка – вели Рејнер.
Наоѓањето поддршка е многу важно за секој нов родител, особено затоа што постпородилната депресија може да трае со месеци, па дури и со години по раѓањето.
912