Истражувачите откриле дека прекумерната изложеност на лажни цуцли влијае врз јазичните вештини на доенчињата. Студијата опфатила 1.187 доенчиња во Осло, Норвешка, за да ги истражи импликациите на говорот и јазикот од употребата на цуцла.
Доенчињата биле поделени во две возрасни групи: 12-месечни и 24-месечни. Од родителите било побарано да дадат детални извештаи за тоа колку често нивните бебиња и деца користеле цуцли. Исто така, секој родител пополнил детален прашалник кој содржел листа со зборови што децата во одредени возрасни групи обично ги користеле. Опсегот за 24-месечни деца во овој случај бил до 731 збор.
Се покажа дека децата што почесто користат цуцла имаат помалку развиен речник.
– Прекумерната употреба на цуцла може да го ограничи времето што доенчињата го поминуваат практикувајќи ја вербалната комуникација, а со тоа се спречува растот на нивниот вокабулар. На порана возраст, доенчињата со цуцла во устата имаат помалку можности да вежбаат да прават звуци и да формираат зборови, кои се клучни за развивање јазични вештини – пишува во заклучокот на норвешките научници.
Додека здравствените придобивки од употребата на цуцла, како што се олеснување на непријатностите и спречување на синдромот на ненадејна смрт на доенчиња, се широко поддржани, Американската академија за детска стоматологија препорачува да се прекине употребата на цуцла до тригодишна возраст.
Сепак, до 85 отсто од доенчињата во западните земји користат цуцла во одреден момент од нивниот развој. Претходно имаше загриженост дека лажните цуцли предизвикуваат зависност, како и дека ги оштетуваат забите и го зголемуваат ризикот од инфекции на средното уво.
912