Британски научници велат дека хипертоничните капки за нос може да ја скратат настинката кај детето за два дена и да го намалат ризикот од разболување и на членовите на семејството.
-Децата имаат од 10 до 12 инфекции на горниот респираторен тракт годишно, кои ги нарекуваме настинки, што има големо влијание врз нив и нивните семејства. Постојат лекови за ублажување на симптомите, како парацетамол и ибупрофен, но нема третмани кои можат да ја ублажат настинката побрзо од хипертоничните капки – објаснил Стив Канингам, професор на Универзитетот во Единбург.
За целите на студијата, истражувачите им дале инструкции на родителите како да им капнат од капките во носот на своите деца. На малите им давале по три капки во секоја ноздра најмалку четири пати на ден.
-Откривме дека децата што користеле солени капки за нос имале симптоми на настинка во просек по шест дена, додека оние со конвенционални методи на лекување имале симптоми во текот на осум дена – додал Канингам.

Само 46% од домаќинствата што користеле хипертонични капки за нос пријавиле дека другите членови на семејството настинале од нивното дете. 82% од родителите рекле дека капките за нос му помогнале на нивното дете брзо да закрепне, а 81% рекле дека ќе ги користат капките во иднина.
Истражувањето наскоро ќе биде претставено на Конгресот на Европското респираторно друштво во Виена.