Еден од највозбудливите моменти во текот на бременоста е кога мајката ќе почувствува клоцање од бебето кое мрда во утробата. Истражувањата посочуваат дека клоцањето не е само клоцање: Со секој удар, вашето бебе можеби го мапира својот ум и гради „автопат“ на информации. Овие клоцања, познати како фетални движења, му овозможуваат на бебето да конструира основна мозочна мрежа за да може да разбере кој дел од телото се движи и како е допрен, откриле истражувачите.

Ова рано мапирање трае само до раѓањето, а по неколку дена тие типови движења го немаат истиот ефект врз мозокот кај децата. Изгледа како овие движења да го подготвуваат бебето за животот надвор од утробата, обезбедувајќи му инпут за нивото на комплексност за сите видови сензорни дразби од светот, сметаат експертите.

„Овие фундаментални аспекти на допирот се корисни веднаш по раѓањето за вештини како цицање“, вели Кимберли Вајтхед, докторски студент на Универзитетот „Колеџ Лондон“, која е коавтор на студијата. Откритијата може да бидат импликации за неонаталната клиничка нега, на пример, насока како да се повие прерано родено бебе за да го задржи чувството на сигурност од утробата и понатаму да развие основна мозочна мрежа, велат Вајтхед и нејзиниот соработник и советник, Лоренцо Фабризи.

Претходни истражувања откриле дека спонтаните движења проследени веднаш по раѓањето се неопходни за соодветно мозочно мапирање кај животните, на пример, стаорците. Сепак, тие се раѓаат предвреме и се помалку развиени од новороденчињата – луѓе. На пример, бебињата стаорци не ги отвораат очите додека не наполнат 13 дена. Прашањето за Фабризи било дали луѓето имаат исто рано мозочно мапирање пред раѓање. Сепак, истражувачите не можеле да ги проучуваат мозочните бранови на бебињата додека сè уште биле во утробата. Па, почнале да истражуваат низа новороденчиња, вклучително и прерано родени. 19 новороденчиња, стари околу 2 дена во просек, учествувале во студијата, имале помеѓу 31 и 42 недели во таканаречената гестациска возраст додека биле проучувани. Тука се зема предвид нивната возраст доколку сè уште би биле во утробата, а бебето родено во 35. недела и старо 1 недела, на пример, би имало коригирана гестациска возраст од 36 недели.

Со користење на неинвазивна електроенцефалографија, истражувачите мереле мозочни бранови на бебињата додека тие спиеле, фокусирајќи се на моментите кога тие клоцале при брзите движења во очите (РЕМ-фаза на спиење). Откриле докази за градење мозочна мрежа, особено кај прерано родените бебиња. На пример, движењето на десната рака на бебето создава мозочни бранови кои се појавуваат потоа во делот од левата хемисфера во мозокот, која процесира допир за десната рака. Големината на мозочните бранови била поголема кај прерано родените бебиња, кои на нивна возраст во друг случај сè уште би биле во утробата, за разлика од бебињата родени во терминот.

Вајтхед вели дека податоците од нејзиниот тим, кои сè уште не се официјално објавени, посочуваат на други аспекти од развојот на допирот во првите неколку недели по раѓањето, како комбинирање на информациите и од левата и од десната страна на телото. „Овие рани обрасци го поплочуваат патот по кој потоа искуството, по раѓањето, може да работи во однос на редефинирање на иницијалната мапа“, изјавила Вајтхед.

За прерано родените бебиња, откритијата покажуваат дека одржувањето на бебето повиено или свиткано во креветче може да биде голема придобивка за на бебето да му се дозволи да почувствува површина слична на утробата каде што било и се движело. Исто така, овие движења биле набљудувани за време на РЕМ-фазата во спиењето, па резултатите ја поддржуваат тезата дека спиењето треба да биде заштитено кај новороденчињата во болниците, односно да се сведат на минимум пречките од неопходните медицински процедури. Сепак, бебињата се зафатени со нивните прекрасни умови.

Автор: Кристофер Ванјек

Извор



912

X