Чувството кога бебето првпат ќе клоцне во стомакот е комплексно искуство за родителите. Од една страна, тоа е видлив знак дека живо човечко битие се создало во утробата на мајката и е начин за двајцата родители да се поврзат со нивното дете. Од друга страна, тоа човечко битие клоца. И тие удари стануваат посилни како што напредува бременоста. Минатата година научниците објавиле прва студија со која се одредува силата на ударите на бебето.

Силата на ударот од бебето е повеќе од забавен факт – тоа е, исто така, и начин да се открие дали фетусот соодветно се развива  Научниците веќе некое време знаат дека тие удари се важни за добро оформени коски и зглобови, па бременостите во кои има мали движења често се поврзани со абнормалности на скелетот, како сколиоза и дисплазија на колкот.

Но, колкаво движење е правилно? За да го одговорат ова прашање, научниците треба да знаат што точно значи движењето за коските и зглобовите на фетусот, а за да го направат тоа, треба да ги измерат силите што се вклучени и да анализираат како тие влијаат врз скелетот во развој.

За студија објавена во 2018 година во „Журнал оф ројал сосајети интерфејс“, тим од научници собрал стотици снимки на фетуси преку технологија позната како „cine-MRI“, која ги снима и внатрешните карактеристики и движењата. Од тие снимки избрале 20 на кои се прикажуваат ударите. Исто така, собрале и регуларни снимки со магнетна резонанција со кои се снимени различни периоди од бременоста (20. недела, 30. недела и 35. недела) за да им помогнат во анализирање на коскениот развој.

Потоа научниците користеле компјутерска програма за да го следат движењето на ножните зглобови на секој фетус, во моментите кога ја клоцале мајката, а потоа креирале модел кој ги симулирал вклучените сили во тие моменти, како и силата на ѕидот на матката. Тогаш можеле да ги пресметаат силите генерирани во мускулите на нозете и стресот што го трпат коските и зглобовите.

Тимот открил дека товарот од ударот на фетусот бил измерен на 47 њутни, или околу 4,5 килограми сила. Тоа е исто како да се биде удрен со мала мандарина која се движи со 100 километри на час. Исто така, откриле дека со секој удар просечното поместување на ѕидот на матката изнесува импресивни 11 милиметри.

Но, најважно е дека овие бројки се менувале во текот на бременоста. Фетусот со текот на времето клоцал посилно, достигнувајќи сила од 29 до 47 њутни помеѓу 20. и 30. недела. Но, до 35. недела силата се намалила до речиси 17 њутни. Истражувачите објасниле дека ова најверојатно се должи на намалувањето на просторот за фетусите во утробата во подоцнежните фази од бременоста.

Она што ги изненадило, сепак, е дека стресот што го трпат коските и зглобовите не попуштил со намалувањето на силата на ударот. Генерално, најголемиот стрес бил измерен во силните, минерализирани, централни региони од коските, додека деформациите, поради претрпениот стрес, се случувале во послабите региони и околу зглобовите. Тоа  посочува дека овие сили можно е да играат улога во зајакнувањето на коските и обликувањето на зглобовите. Она што го откриле научниците е дека стресот се зголемува во последните недели од бременоста, најверојатно поради поголемата мускулна моќ која фетусот ја има со цел да клоца. Тоа покажува дека дури и ако ударите се зголемат подоцна во бременоста, движењето во тој период е важно за развојот на скелетот исто како и во првите недели – што може да е импликација и за прерано раѓање на бебињата.

Ако очекувате дете, вестите дека движењата на фетусот се важни и клучни може да ви предизвикаат дополнителна анксиозност. Но, нема никаква потреба од детално анализирање на работите: лекарите генерално не препорачуваат набљудување на движењето на бебето сè до 28. недела. Во тој период родителите би требало да се информираат што е нормално и да се јават на лекар ако има некакви промени. Во спротивно, уживајте во секое клоцање од бебето. Сега уште повеќе кога знаете дека тоа е негов начин за малку вежбање со цел зајакнување на коските во развој.

Автор: Ешли Хамер



912

X