Некогаш се мислеше дека карактеристичното движење на сперматозоидите служи за заобиколување на вагиналните бариери при нивниот пат до Фалопиевата туба. Денес е познато дека тоа не е точно: во моментот на овулација кај секоја жена се активира природен механизам за вшмукување, со чија помош грлото на матката го носи сиот материјал што ќе се најде зад вагиналата преграда нагоре. Овој механизам ја носи машката сперма користејќи простагландини. Женскиот оргазам, исто така, го помага и движењето на семената течност преку контракции на матката, но тоа не е нужно за да дојде до зачнување.
Друго прашање што нè интересира е како сперматозоидите точно ја погодиле фалопиевата туба? Причината за тоа е што во местото каде што се наоѓа јајце-клетката има најголемо производство на естроген. Естрогенот, заедно со зголемениот проток на крв, гарантира дека фалопиевата туба е целосно отворена. Ако нема јајце-клетка од другата страна, снабдувањето со крв ќе биде незначително и фалопиевата туба „физиолошки“ ќе се затвори.
До јајце-клетките ги води мирис
Со цел да се осигури дека сперматозоидот ќе знае како да го најде патот до неа, јајце-клетката испраќа мирис, а тоа се нарекува хемотакса. Научниците од Рур-Универзитет Бохум ги откриле соодветните рецептори за мирис кои им го покажуваат на сперматозоидите патот низ фалопиевата туба. Таков рецептор вообичаено може да се најде само во носот. Научниците преку експерименти докажале дека мирисот сличен на оној од темјанушките ги привлекува сперматозоидите и дека брзината на нивното движење потоа се удвојува.
Новите сознанија за тоа како спермата го наоѓа својот пат може да ја подобрат стапката на успех во медицински потпомогнатото оплодување.
Во потрага по мирисот кој ги привлекува сперматозоидите, научниците дошле до уште едно интересно откритие: пронашле и блокатор на мирис кој го прави стимулативниот мирис неефикасен. Професорот Хет претпоставува дека од ова може да произлезат нови методи на контрацепција: „На сперматозоидите, фигуративно кажано, може да им се затне носот и на тој начин да бидат спречени да најдат јајце-клетка.“
Животниот век на сперматозоидите
Сперматозоидите можат да останат во гениталниот тракт на жената до 120 часа – првенствено во грлото на матката. Во текот на оваа фаза постои можност за оплодување. Исто така, ако имате секс пет дена пред овулацијата, постои можност жената да забремени.
Успешно оплодување
И, конечно, јајце-клетката – како и сите големи овули – е опкружена со друга дополнителна заштитна мембрана, наречена „zona pellucida“. Оваа мембрана е релативно густа и слабо пропустлива. Потребен е голем број на сперматозоиди кои преку природна тимска работа ја обработуваат таа мембрана додека таа не „попушти“.
Само тогаш сперматозоидот може да ја пробие таа пукнатина и да ја оплоди јајце-клетката. Спротивно на претходните мислења, овој процес нема никаква врска со изборот на сперматозоиди кои ќе влезат во јајце-клетката. За да дојде до природно зачнување, потребна е минимална концентрација на сперматозоиди. Доколку овој услов не е исполнет, тимската работа не е можна и нема да дојде до оплодување.

Ова откритие повторно ја отвора дебатата за уште една широко распространета заблуда: не е точно дека најбрзиот сперматозоид ќе ја оплоди јајце-клетката.
Вгнездување на оплодената јајце-клетка во матката
По успешното оплодување, ембрионот влегува во матката. По приближно пет дена тој полека формира мембрана таму, наречена и „zona pellucida“ – и на тој начин го започнува процесот на гнездење. На крајот од првиот ден од овој процес ембрионот, под влијание на хормонот HCG, почнува да создава „функционална плацента“ (синцитотрофобласт), која го реактивира жолтото тело во јајчниците, дополнително создавајќи го хормонот на жолтото тело и естрогенот.
Во овој случај, ендометриумот останува стабилен и крвавењето не се јавува. Во случај да не дојде до вгнездување, како и вградување на ембрионот и производство на хормонот HCG, жолтото тело ќе „овене“ за приближно 12 дена и ќе започне крвавење.