Постојат начини родителите преку разговор да допрат до своите деца
Децата понекогаш се здодевни и непредвидливи, но во поголемиот дел од времето знаат да бидат прилично интересни и забавни. Поради нивната незрелост, родителите често пати не се во можност да воспостават вистинска комуникација со нив.
Внимавајте на тонот и не потценувајте го
Зборување со детето со повисок тон или прекинување додека зборува може да се смета како еден вид навреда, а детето може да претпостави дека се сомневате во неговата интелигенција. Да, можеби ќе треба да користите поедноставен речник или подолго да објаснувате еден концепт со цел детето да ве разбере, но треба да зборувате со него како со еднакво интелигентна личност. Доколку го водите разговорот под претпоставка дека детето е во можност целосно да ве разбере, ќе го проширите неговиот вокабулар и неговото сфаќање за светот. Зборувајте со детето како да зборувате со вашиот најдобар пријател.
Гледајте го в очи
Во моментот кога зборувате со вашето дете, гледајте го в очи и обидете се да ја примите секоја информација што ќе ја добиете од него. Детето можеби е мало, но тоа не смее да се чувствува така додека зборувате со него.
Децата честопати се шегуваат додека разговараат бидејќи нивната имагинација е бесконечна. Голем дел од нивните приказни се базирани на имагинација, но на вас останува да ги охрабрите и поддржите. Тоа е одличен начин децата да стекнат поголема доверба во вас и да се чувствуваат слободно и опуштено.
Покажете емпатија
Потребно е да покажете емпатија кон децата, да се обидете да ги разберете нивните мисли и нивните чувства. Кога детето е тажно, нервозно или преплашено, преку разговор објаснете му дека и вие често се чувствувате така. И возрасните се нервозни и преплашени.
Играта е одлично решение
Еден од најдобрите начини да се зближите со вашите деца е преку игра. Играта ги релаксира децата и е најлесен пат за тие да се отворат. Доколку ги прашате за нивниот училиштен ден веднаш штом ќе дојдат од училиште, можеби нема да ви одговорат, но во текот на играта ќе се чувствуваат разиграно и сами ќе почнат да зборуваат за тоа како им поминал денот.
Комуникацијата е клуч за воспоставување добар однос со вашите деца. Можеби не оди секогаш лесно, но таа е потребна за стекнување меѓусебна доверба и почит.