м-р Ивана Урдаревиќ, логопед

м-р Ивана Урдаревиќ, логопед

тел: 078 317-348
е-пошта: ivana_logoped@live.com

Повеќе од авторот

Не карајте го ако зборува брзо и почнува да пелтечи. Така само му го зголемувате притисокот

Причините што доведуваат до пелтечење можат да бидат од генско потекло, да потекнуваат од средината, од секојдневието, а и да се хронични причини. Понекогаш пелтечењето се јавува и како последица од страв, несигурност или поради обид на детето да се покаже во најдобро светло.
Прекините во говорењето можат да бидат проследени со зачестено трепкање со очите, треперење на усните или, пак, со некои други необични облици на однесување кои личноста што пелтечи ги прави додека се обидува да зборува.
Разберете ги чувствата што сака да ги изрази со зборови. Треба да слушате од она што е буквалното значење на зборот, зашто детето секогаш испраќа емотивни пораки со својот начин на говорење. Сето ова за вас е сигнал дека треба внимателно да го слушате и да му покажете љубов, внимание и интерес.

Не карајте го ако зборува брзо и почнува да пелтечи. Така само му го зголемувате притисокот, а едно од најважните нешта за намалување на интензитетот на пелтечењето е опуштеноста. Учете го да зборува пред повеќе луѓе за да се научи и да нема трема зашто всушност таа е причината поради која се зголемува интензитетот на пелтечењето. Почнете да зборувате и вие полека. Детето учи од околината, така што вие треба да му бидете пример на кој ќе се одгледува.

– Мотивирајте го детето да зборува и да почувствува радост и задоволство правејќи го тоа.

– Не насочувајте му го вниманието кон проблемот.

– Намалете ги стресните ситуации во семејството.

– Покажете му колку го сакате.

– Бидете трпеливи кога детето ви зборува.

– Забавете го семејниот ритам и секој ден одвојте малку време за да зборувате со детето без брзање.

– Научете го на стандарди на однесување, на социјални вредности и видови одговорности што се очекуваат од него.

– Не менувајте ја вообичаената дневна рутина, а детето претходно да не сте го подготвиле за тоа.

– Потребни се физички вежби, пливање, вежби на дишење и опуштање, прошетки, хармонична и смирена семејна атмосфера без кавги.

– Треба да има доволен одмор и доследност во одењето на спиење, станување, облекување , јадење. Така ќе се намали неговата несигурност.

– Слушајте не само што, туку и како нештото го кажува.

– Дозволете му на детето да ја заврши мислата без да го прекинете.

– Одржувајте го контактот со очите додека детето зборува.

– Избегнувајте да го дополнувате детето, односно да ја завршите реченицата наместо него.

– На прашањето на детето одговорете полека и без брзање, употребувајќи ги зборовите што веќе ги кажало.

– Не брзајте го детето, важно е да има доволно време да одговори.

– Кога детето ќе ја заврши реченицата, направете пауза од 2-3 секунди пред да одговорите бидејќи така од вашиот пример детето учи побавно да зборува.

– Користете едноставен речник.

– Водете сметка за сопствениот говор, да биде јасен, течен, граматички точен, речениците да бидат едноставни и разбирливи.



912

X