Воспитување

Да се извини зашто сфатило дека греши, а не само за да ве послуша

Сите ние сакаме децата да стекнат убави манири, да знаат како да искажат сочуство и искрено да се извинат ако погрешат. Но кога им велиме да се извинат, каква порака им испраќаме?

Често, во текот на дружењето, едното дете сака да му ја земе играчката на другото. Тогаш се случува караница во која вашето дете, поради тоа што му била одземена играчката, го удира другарчето. Ако во тој момент го натерате да се извини тоа нема да ја сфати смислата на постапката, ќе се чувствува навредено и несфатено и нема да го смени начинот на однесување.

Зборот „извини“ во тој случај повеќе се однесува на задоволување на нашите потреби, затоа што на овој начин детето нема да разбере каде погрешило, а ќе се чувствува полошо.

Што треба да направите за  кога ќе каже „извини“ вистински да го мисли тоа?

Бидете пример за детето

Секогаш бидете искрени кога се извинувате и покажете сочувство кон другите. Не заборавајте, децата гледаат сѐ што правите и учат од вас.

Бидете искрени со детето. Отворено зборувајте со него за неговите емоции и преку зборови и мимики обидете се да сфатите како се чувствува.

Секое дете на свој начин кажува извини

Секое дете комуницира на свој начин. Обрнете внимание како вашето дете реагира и како ги искажува чувствата кога знае дека погрешило.

Ако сфатило дека направило грешка, можеби ќе го искаже тоа преку споделување на парче од омилената чоколада или играчка. Потребно е време за детето навистина да го сфати значењето на зборот „извини“. Овие, навидум безначајни дела се многу важни при развојот на детето и затоа треба да ги прифатите и поддржите.

Поврзани написи

To top