Воспитување

Научете ги да ги сакаат кучињата

Убавото време ги наполни сите паркчиња, шеталишта, градски шуми и секој терен за игра, па во потрага по слободна клупа се тргнува рано наутро. Една клупа ја зафатиле баби и дедовци, друга млади мајки со бебиња во колички, трета момци кои сè уште не се вратиле дома од ноќното излегување, а помеѓу нив трчкаат деца и кучиња. Секој го гледа попреку другиот и секој мисли дека другиот тука е вишок. На бабите и дедовците што немаат внучиња им пречат децата, вревата и кучињата кои „нема што да бараат тука“, на младите мајки – „пензионерите што им го зазеле местото“, а и на едните и на другите им пречат младите. Само на децата и на кучињата им е супер. Додека не се вмешаат возрасните…

Стравот од кучиња не е вроден

Децата ги сакаат кучињата и со задоволство си играат со нив зашто не мислат дека тие им се потенцијална опасност. Стравот од кучиња кај децата не е вроден, туку се стекнува, па затоа никој не се чуди кога ќе види тукушто проодено дете како со несигурни чекори трча кон кучето и му ги става рачињата в уста. За повеќето деца кучето е играчка, другар за игра, суштество кое прави голема врева, исто како нив.
Стравот, ако постои, се јавува под влијание на возрасните, оние што мислат дека „кучињата нема што да бараат на места каде што има деца“ или оние што имале лошо искуство, па сега својата траума им ја пренесуваат на децата. Што и да мислите, кучињата ќе продолжат да живеат во градовите, меѓу децата, па тој страв не треба да се шири.

 

Возрасните, било да се во друштво со куче било со дете, треба да знаат дека речиси ниедно куче нема да повреди дете, и обратно, и дека повеќето инциденти се случуваат во игра. Најлошото што може да го направи возрасниот е да почне да вика на детето или на кучето зашто тогаш тие може да се исплашат и непредвидливо да изреагираат. Детето ќе почне да трча, кучето, мислејќи дека тоа е повик за игра, ќе почне да трча по него, ќе го собори и ете повеќегодишен страв, ако не и доживотен, од кучиња. А постојат и обратни ситуации кога кучето, истрауматизирано од врескањето на веселите мали деца и од тоа што го тргале за опашката, за ушите, стекнува аверзија кон деца.
За среќа, сето ова може да се спречи…

Кучињата треба да ги носите на прошетка во согласност со одлуката за чување кучиња во градска средина, каква што има речиси секоја општина, значи, да чистите по нив и да водите сметка на никој начин да не ги загрозат децата и возрасните. Но, бидејќи патиштата секако ни се вкрстуваат, неминовно е да ќе дојдете во контакт со пудла, бишон, ретривер или малтезер што се шета без ремче.
Како што се очекува од сопственикот на кучето да го задржи својот љубимец да не притрчува кон детето, така и од родителите се очекува да го спречат детето да не му се качи на кучето, да не го трга за опашка или за уши. Овде паѓаат во вода приказните за тоа кој е во право бидејќи безбедноста на децата на сите ни е на прво место.

Не велете му на детето дека кучето ќе го касне

Ако сте со дете и се плашите од кучето, замолете го сопственикот да го придржи или да го оддалечи својот љубимец, а вие кренете го детето в раце и тргнете се настрана. Не кажувајте му на детето дека кучето ќе го касне и дека ќе го повреди зашто тоа не е вистина, туку објаснете му дека не го познавате тоа куче и дека не треба да му пречите.
Ако, пак, немате ништо против кучето и ако вашето дете сака да го погали и да си поигра со него, научете го како да се однесува. Објаснете му дека секогаш прво треба да побара дозвола од сопственикот зашто тој најдобро знае како ќе реагира неговиот љубимец, а потоа да ја пружи раката за кучето да го помириса.

Освен тоа, објаснете му на детето дека…
– Кучето не сака да го тегнат за опашка или за уши;
– На кучето не му е пријатно кога му се качуваат;
– На кучето не треба ништо да му земете од уста – ни стапче, ни топка, а особено не храна;
– Кучето комуницира со нас преку телото. Научете го детето што ни порачува кога врти со опашката, што значи кога ќе се накостреши, што значат кренати, а што спуштени уши, што значи весел лаеж, а што ‘ржење;
– Со тоа што ги лиже рацете и лицето, кучето покажува љубов (не значи дека треба да го лиже детето);
– Кучето сака да го галат по вратот и по грбот;
– Кучето, како и ние, сака нежност.

И најважно, научете ги дека кучето навистина е нашиот најдобар пријател и дека е најдобар пријател на децата.

Поврзани написи

To top