Воспитување

Нацртајте скала и побарајте од вашето дете една работа: така ќе ја проверите неговата самопочит

Самопочитта се формира во раните години од животот, а врз личноста на детето многу влијае начинот на кој се воспитува. Влијание има и околината, како и неговата процена за себе и за својот изглед.

Затоа е многу важно да ги „филтрирате“ зборовите што им ги кажувате на вашите малечки во раното детство, бидејќи некои зборови и фрази можат да им нанесат непоправлива штета.

Имајте на ум дека доколку детето порасне полно со самопочит и самодоверба, со апсолутна поддршка од родителите, ќе му биде многу полесно кога ќе порасне и ќе има поголеми шанси за успех.

Бидејќи не е лесно да се процени колкава самопочит и самодоверба има вашето дете, ова е едноставен тест кој ќе ви помогне во тоа.

Тест со скалила за мерење на самопочитта

Дури и најмалите деца можат да го полагаат овој тест, доколку знаат да зборуваат и да ги објаснат своите мислења.

Нацртајте скала со седум скалила, а потоа објаснете ја едноставната хиерархија: најдобрите деца се на горното скалило, оние што не се ниту добри ниту лоши се на средното скалило, а најлошите се на самото дно.

Потоа замолете го детето да го одреди своето место на оваа скала и не давајте му никаков совет или предлози.

За да го направите тестот поефективен, не барајте од вашето дете да го направи тоа вербално, туку нацртајте му скала и исечете убава фигура од хартија за да го претставите. Малечкото треба да ја постави фигурата на местото за кое мисли дека припаѓа на скалата.

Резултати

Највисоко скалило – ако детето ја стави својата фигура на местото резервирано за најдобрите деца, тоа е знак дека има огромна самодоверба. Ова е вообичаено за децата од предучилишна возраст кои сè уште зависат од мислењата на нивните родители и ги „емитуваат“. Ако постарото дете се стави на највисокото скалило, важно е да се обрне внимание за неговото превисоко мислење за себе да не прерасне во нарцизам.

Второто и третото скалило – ова е најдобриот избор за детето бидејќи укажува на соодветна и целосно здрава самопочит. Одличен резултат!

Четврто скалило – ако детето се постави на ова скалило, тоа ја сигнализира неговата блага несигурност. Обидете се преку разговор да дознаете што му пречи на детето и поддржете го да го надмине.

Петтото и шестото скалило – укажуваат на ниска самодоверба кај детето. Би било добра идеја да го анализирате неговиот живот и да се обидете да разберете дали имало трауматски настани во неговото минато што можеле да остават негативно влијание. Ако не можете сами, консултирајте се со професионалец.

Седмо скалило – ако детето се постави на најниското скалило, тоа укажува на многу ниска самодоверба. Најдобро би било да побарате стручна помош за да му помогнете на вашето дете.

Зошто е ова важно?

На возраст кога детето учи да се сака себеси, важно е да му помогнете да го стори тоа. Како што знаете, односот на другите кон нас често зависи од односот што го имаме кон самите себе, поради што треба да се води сметка за самодовербата уште од мали нозе.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top