Креативното сервирање здрава храна не е воопшто комплицирано и не одзема многу време
Лекувањето е и професија, а креативноста – хоби. Д-р Наталија Милорадовска од Кочани ги стимулира родителите да работат повеќе со своите деца кога станува збор за здравата храна, да ги учат на интересен начин да ја јадат. Така помалку ќе се хранат додека се со таблетот в рака. Од здравата храна, во чинијата таа прави интересни фигури кои се примамливи за дечињата.
– Креативноста е најголемиот дар на човековата интелигенција. Како светот станува посложен, мораме да бидеме покреативни за да одговориме на тие предизвици. Таа претставува систем каде што се генерираат нови и корисни идеи. Целта ми е да ја подигнам свеста кај младите родители за тоа дека може да ги стимулираат своите деца да јадат здрава храна која е неопходна за нивниот правилен раст и развој – вели д-р Милорадовска.
Родителот ја има главната улога во воспитувањето на децата.
– Денес, поради развојот на технологијата, родителите им посветуваат многу малку време на своите деца. Така детето најбргу ќе се најаде ако до него има таблет со некоја позната цртана серија. А задачата на родителот е да му помогне да се развие во здрава разумна личност – вели.
Таа објаснува дека креативното сервирање здрава храна не е воопшто комплицирано и не одзема многу време.
– Потребни се помалку од 10 минути. Децата обично не го сакаат зеленчукот и родителите имаат проблем со тоа. Ама ако од брокулата се направи куќичка или дрвце или која било друга форма, детето ќе добие желба да ја изеде. Тоа е таа психологија. Истото време што ќе се потроши да се вклучи таблетот, да се најде омилениот јунак… – објаснува докторката.
Креативно сервираната храна „поминува“ кај деца од околу три години и постари.
912