Она што сите нè оптоварува последниве месеци е прашањето: Дали моето дете има обична вирусна респираторна инфекција или станува збор за актуелниот Ковид-19? Навистина е тешко да се даде одговор на ова прашање без да се реализираат дополнителни лабораториски испитувања, вели пулмологот Искра Лазаревска

Растечено носе, кашлица, температура, треска… Симптомите на Ковид-19 и сезонскиот грип или настинка се многу слични и често ги ставаат родителите во дилема за што точно станува збор. Прво што советуваат педијатрите е консултација со педијатар, следење на состојбата на детето, а следно е правење тест и седење дома.

Симптомите кај децата не се специфични

Како и секоја зима, и оваа, во услови на пандемија на Ковид-19, детскиот организам ќе биде изложен на различни респираторни вируси и, секако, на вирусот на грип. Респираторните вируси циркулираат сезонски и пиковите на појавување се различни за различни вируси, вели Катарина Ставриќ, детски имунолог и педијатар.

– Симптомите во детската возраст не се специфични и не можеме да се потпреме само на нив за да кажеме за кој вирус станува збор. Но, секако, многу е важна епидемиолошката анкета за други заболени членови на семејството или за контакт со заболен. За среќа, Ковид-19 кај децата најчесто е асимптоматски или со лесни симптоми. Ковид-19 има подолга инкубација, во просек 5 дена. Ретко детето може да пројави покачена температура, кашлица или пролив и повраќање. Губиток на сетилото за мирис, иако го опишуваат како симптом за Ковид-19, не е специфичен бидејќи може да се појави и кај грип, синузит или носна конгестија. Грипот има кратка инкубација од 1-2 дена, почнува нагло и почесто оди со висока температура, болки во мускулите и болки во грлото. Настинките почнуваат постепено со затнато носе, а потоа се надоврзува течење на бистар секрет, болка во грло, кашлица и лесно покачена температура. Некои од респираторните вируси знаат да направат тешкотии во дишењето со свиркање во градите – објаснува Ставриќ.

Периодов доминираат респираторни заболувања

Она што сите нè оптоварува последниве месеци е прашањето: Дали моето дете има обична вирусна респираторна инфекција или станува збор за актуелниот Ковид-19? Според Искра Лазаревска, пулмолог и педијатар, навистина е тешко да се даде одговор на ова прашање без да се реализираат дополнителни лабораториски испитувања.

– Консултацијата со педијатарот го наоѓа своето место токму овде, а се однесува на препораките за реализација на почетните иследувања кои би служеле како насока за следење на состојбата и процена за евентуалните компликации, како и одредување соодветна терапија. Во есенскиот период доминираат вирусните респираторни заболувања. За најголем дел од нив нема потреба од дополнителен третман, освен спроведување на општите мерки, како што се давање лекови за покачена температура доколку има потреба, витамини, правење тоалета на горните дишни патишта, доволен внес на течности – вели Лазаревска.

Таа нуди неколку препораки за родителите доколку детето има клинички јасен вирусен респираторен инфект.
– Во тој период најдобро е детето да мирува. Да се одржува проодност на горните дишни патишта со правење тоалета на носето со физиолошки раствор. Давајте доволна количина течности. Витамини. Доколку детето има покачена температура, да се дадат лекови за покачена температура следејќи ги препораките кога треба да се дадат. Основно е да се следи состојбата за навреме да се реагира ако настанат компликации, за што е задолжен педијатарот – потенцира Лазаревска.



912

X