Игротека

Наставниците што повеќе ги фалат децата отколку што ги критикуваат може да очекуваат подобри резултати

Колку повеќе наставниците користат пофалби наместо казна, толку повеќе детето ќе остане фокусирано на задачите и лекциите, покажува новото истражување објавено во стручното списание „Еџукејшнл псајхолоџи“.

– Како се менува односот на користење пофалби и казни кај наставниците, така се менува и степенот на исполнување на училишната работа кај учениците кои добиваат повеќе пофалби наместо казни – вели авторот на истражувањето, Пол Калдарела, професор на универзитетот „Бригам Јанг“.

И не само тоа. Колку е поголем јазот помеѓу пофалбите и казните, односно колку повеќе наставници ги фалат и помалку ги казнуваат учениците, толку подобро се насочени децата кон лекциите.

Пофалбата е клучот

И покрај јасната врска помеѓу пофалбите и добрите резултати, истражувањата покажаа дека наставниците не користат доволно пофалби. Всушност, како што учениците одат во повисоки одделенија, така пофалбите се поретки, а критиките и укорите растат.

Се разбира, не е реално да се очекува наставникот никогаш да не критикува. Ниту, пак, тоа е добро. Но, критиките, особено грубите критики пред целото одделение, треба да се сведат на минимум, се вели во истражувањето.

Кога станува збор за пофалби и критики, идеален сооднос би бил 3:1 или 4:1, што значи дека три или четири пофалби можат да дојдат со една критика. Значи, кога критикувате ученик, погрижете се да пронајдете причина за тоа и да го пофалите неколку пати пред следната критика, ако се стремите кон добри резултати. Не постои истражување за овој однос меѓу пофалбите и критиките, туку тоа е само препорака на наставниците што се занимаваат со оваа тема.

Колку пофалби?

За да го открие одговорот на тоа прашање, Калдарела и неговиот тим поминале три години броејќи ги пофалбите и критиките што наставниците им ги давале на деца во 151 училници, во 19 основни училишта во три американски држави.

Тимот набљудувал интеракции на наставниците со вкупно 2.536 ученици на возраст од 5 до 12 години.

Половина од тие одделенија биле контролни групи, во кои на наставниците им било кажано да прават како што тоа го правеле нормално, а другата половина биле дел од програмата „CW-FIT“, во која наставниците прво ги учеле децата социјални вештини преку повторување, дискусија и играње улоги. Потоа тие формирале студентски тимови и се труделе да ги фалат учениците додека ги следат утврдените правила и однесување. Излегло дека децата вклучени во оваа програма биле поангажирани и повеќе сакале да работат. Исто така, се намалиле и проблемите во однесувањето во класот.

Оние наставници што најмногу давале пофалби постигнале до 30 отсто подобрување во однесувањето на учениците.

Колку повеќе пофалби, толку подобро

Во своето истражување Калдарела ги дефинира пофалбите како „вербален акт на одобрување“, откако ученикот се однесувал добро или успешно одговорил на некоја задача, наместо само благо признание дека задачата е правилно решена. Критиката, од друга страна, се дефинира како „вербално неодобрување“, што понекогаш вклучува заканување или засрамување, како одговор на несоодветно однесување или неисполнета задача.

Кога биле вкрстени сите податоци, било заклучено дека нема критична точка или оптимален однос на пофалби и критики што довел до драматично подобрување на однесувањето. Наместо тоа, ефектот бил линеарен: колку повеќе пофалби, толку повеќе соработувале учениците и повеќе се труделе.

– Однесувањето што го охрабрувате и за кое давате пофалби ќе се повтори. Значи, ако наставникот ги пофали учениците за добро однесување, како што е внимавање на час, барање помош кога им е потребна или им е потребен дополнителен напор, наставниците можат да очекуваат дека токму ова однесување ќе се поттикне и ќе се развива и подобрува – заклучува Калдарела.

Извор

Поврзани написи

To top