Дали тестовите треба да се единствен критериум за оценување, дали има мамење при ваков вид настава, може ли да се определи точна оценка за знаењето, се само дел од дилемите на наставниците. Неколку од нив ни објаснија како ќе оценуваат и како сметаат дека треба да се вреднува трудот на учениците
Оценувањето на учениците во сите нивоа на образование (основно, средно, високо) во овој период е предизвик и за многу поразвиени системи од нашиот. Како да се испрашаат децата, како да им се дадат тестови, дали добиените резултати ќе ја дадат реалната слика за постигнувањата на ученикот… Ова се само некои од прашањата и дилемите за кои се бараат решенија и за кои се дискутира на светско ниво.
Во светот многу внимателно се дискутира и се анализираат критериумите за оценување. Нашето Министерство за образование и наука (МОН) неодамна објави упатство за оценување во кое има насоки за процесот. Во документот е потенцирано дека и во изменети услови за работа тестирања ќе има, а децата ќе се оценуваат преку контролни тестови што ќе им бидат испраќани, на пример, на „Месинџер“, „Вибер“ или на електронска адреса.
Објавено упатство за наставниците – како да оценуваат додека трае далечинското учење
Костова Цанка е наставничка во Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино. Според неа, ова е вонредна ситуација и не треба да се однесуваме како сè да е во ред, кога не е.
Според кои критериуми да си ги оценам децата, ова не е настава, туку импровизација?
– Целиот свет е во застој, па така нека биде и со образованието кај нас. Зошто мора да продолжиме онаму каде што застанавме и да се правиме како сè да е во ред. На грб носиме товар кој никогаш не бил потежок. Нашиот реален се претвори во виртуелен свет. Нашите училници станаа е-училници, нашите табли и креди ги заменивме со компјутери, мобилни, таблети. Фрлени во длабочините на океанот, секој сам бара начин да исплови и да се спаси. Ова не е настава, ова е импровизација. И ајде нека биде и тоа така, но на крај стасавме и до е-оценка. Дали во сето ова со кое секојдневно се бориме и соочуваме најважно од сè е да ставиме оценка? Секако дека не. Работам како наставник во одделенска настава и секојдневно си го поставувам прашањето со кои критериуми би оценила ученик во овие услови? – вели наставничката.
Цанка Костова
Таа прашува како да ги оцени децата, дали со пополнувањето чек-листи, дали од усното и писменото изразување, наставните листови, преку тестовите за проверка на знаењата…
– Со кои инструменти јас го следам напредокот на детето? Работам со деца од второ одделение, кои сè уште не се целосно описменети. Со оглед на тоа дека морам да ставам оценка, ќе ја формирам заклучно до моментот додека имавме настава во нормални услови. Сметам дека најдобро ги познавам моите ученици и нема да ми претставува проблем на истиот начин да ја ставам и завршната оценка. Во овие услови и јас имам онлајн-средби со учениците, но тие средби се прават заради чувство на сигурност кај учениците. Присуството на наставникот во училница не може да го замени ниедна платформа на интернет, но може да им даде надеж на децата дека и ова ќе помине и дека ќе се вратиме повторно на местото каде што припаѓаме, а тоа е нашата училница, нашиот нормален и реален свет. Јас сум за е-учење и е-настава, но само како збогатување и потпомагање на наставниот процес – потенцира наставничката.
„Тестовите да не се единствениот критериум“
Нејзината колешка Тања Бајрактарова-Веда во моментов работи како наставник во Стокхолм, Шведска, а 12 години беше наставник во земјава. Според неа, многу наставници ќе се соочат со проблемот на мамење во услови на онлајн-настава. Таа потенцира дека треба да се земат предвид целокупните постигнувања на ученикот, а не само резултатите од тестовите.
Тања Бајрактарова-Веда
– Новата технологија овозможува разни процени во рамките на онлајн-образованието во споредба со традиционалниот начин на учење. Сепак, наставниците треба да запомнат дека најважната работа за оценување во новата средина за учење преку интернет е да се фокусираат на постигнувањата на учениците во однос на наставните цели и задачи. Чинам дека тоа и претходно многумина не го правеа. Целта е ученикот да го совлада наставниот материјал, но не по секоја цена. Тука мислам на контролните задачи и тестови кои им се задаваат на учениците и кои не се на истото ниво со она на кое биле задачите кога учениците се подготвувале за тест или писмена задача. И тука го гледам генералниот проблем во прифаќањето на наставните критериуми за оценување на учениците при онлајн-настава – смета наставничката.
Таа додава дека многу наставници ќе се соочат со проблемот на мамење при ваков вид настава, односно со дилемите: „Можеби родителот ќе биде тој што ќе ги пишува домашните задачи или тестовите?“
– Препис од веб-страниците на интернет може лесно да се провери. Но, секако, во вонредни ситуации можеби треба и да се „прогледа низ прсти“ и да се биде толерантен. На крајот на краиштата, никој досега не се соочил со ваква ситуација. Затоа, иако технологијата може да го олесни процесот на оценување на ефективни и ефикасни начини, наставниците мора да изберат соодветни можности за процена, но само кога процените се неопходни за време на онлајн-наставата. Ќе оценуваме покритички следната учебна година – вели Бајрактарова.
„Објективност ќе се обезбеди ако тестирањето е во училница“
Има наставници кои се на став дека треба да им се овозможи, во периодот од крајот на мај до 10 јуни, да се организира во различни денови тестирање по различни предмети. Одделенската наставничка С.А. смета дека упатството од МОН за оценување го направиле луѓе кои не ја познаваат детската психологија и немаат искуство во пракса.
– Токму затоа се борат за оценки. Токму затоа родителите реагираат кога оценката не е петка. Сега децата треба да се борат за знаење, а не за оценка. Но, ако јас се прашувам, не треба да има оценување бидејќи едноставно нема да биде реално зашто е од дома. Кога веќе мора да има, тогаш добро би било кога би ни дозволиле да им дадеме тестови на децата во училница. Секој ден или секој втор ден да им даваме тест по различен предмет, исто како кога би биле условите за настава нормални. Сметам дека ако проверката на знаењата се направи во училница, тогаш оценките би биле објективни. Секако, прашањата би биле за материјалот што го предававме онлајн. Децата можат да си бидат на одредено растојание во училницата, со маски за заштита, со што би се заштитиле додека трае тестирањето. Според мене, само ова е начинот објективно да се премине во следно одделение – вели наставничката.
БРО: Оценки мора да има
Во Бирото за развој на образованието остануваат на ставот дека мора да се вреднува знаењето на учениците.
– Настава без следење и вреднување на учениците не може да има, односно тоа не би било настава. Следењето и вреднувањето на учениците е составна компонента на наставата и се одвива паралелно. Наставникот мора да ги испланира методите и техниките за следење. Мора да добие некаква повратна информација од учениците дали се постигнуваат целите на наставата и резултатите од учење – велат од Бирото.
912