Од денеска до сабота се одвива обуката на наставниците за новата платформа што ја подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а преку која ќе се одвива унифицираната настава од далечина во Македонија. Од секое основно и средно училиште во земјава се определени наставници кои ќе ја поминат тридневната обука, а потоа тие ќе ги обучат колегите.

– Министерството за образование и наука, во соработка со ФИНКИ и Бирото за развој на образование, ги спроведува обуките на наставниците. Обуката почнува денеска и ќе трае до сабота, а со неа се опфатени 1.600 наставници и резервни наставници кои понатаму ќе треба да им го пренесат знаењето за користење на платформата на своите колеги во училиштата. Предавањата ги одржуваат 30 национални обучувачи кои беа избрани од редовите на наставниот кадар во основните и средните училишта од различни општини во земјата. Мастер-тренерите претходно ги поминаа потребните обуки за да може да им ги пренесуваат знаењето и вештините за платформата. Пред официјалното пуштање на платформата во употреба на 1 октомври годинава ќе претходат низа тестирања – велат од МОН.

На денешната агенда е претставување на платформата и календарот на активности и ќе биде презентирана динамиката на работа. Наставниците ќе учат како да се најавуваат, како се уредува страница, како ќе бидат организирани календарите според предмети, како ќе бидат организирани домашните, квизовите и слично. Денеска ќе работат во четири сесии, а по секоја следува куса работилница.



912

X