Како нивните ученици поминуваат дел од времето од училишниот распуст, ни раскажаа Менка Трајковска, одделенски наставник на четвртоодделенци во „Аврам Писевски“ во скопско Бардовци, и наставникот Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ,,Кочо Рацин“ во Прилеп

Да се поминува повеќе време во природа, да се забавуваат преку игри, да читаат нови книги, се само дел од методите што наставниците ги практикуваат во честата комуникација со учениците за време на зимскиот распуст, која најчесто се одвива преку социјалните мрежи.

Зимскиот распуст за учениците не значи целoсно отуѓување од училиштето, туку напротив, некои наставници се обидуваат овој период од учебната година да го искористат за зајакнување на врските и со учениците и со родителите на еден порелаксиран начин.

Како нивните ученици поминуваат дел од времето од училишниот распуст ни раскажаа Менка Трајковска, одделенски наставник на четвртоодделенци во „Аврам Писевски“ во скопско Бардовци, и наставникот Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ,,Кочо Рацин“ – Прилеп.

Да се вежба математика, но и да се вежба за драмската секција

Наставничката Трајковска вели дека децата полесно учат низ игра, па затоа токму во овој зимски период се труди на учениците, со насоки и предлози, преку игра, награди и мотивирање. да им ги разубави деновите.

Менка Трајковска

– Со учениците имаме група на социјалните мрежи преку која комуницираме.
Штета е што голем дел од децата од одделението се од социјално загрозени семејства, па комуникацијата малку ни е отежната, но сепак со нив комуницираме телефонски. Најголем дел од нив овој студен зимски распуст најчесто го поминуваат во своите домови или кај баба и дедо. Но, не ги оставаме без обврски – низ смеа вели наставничката Трајковска.

Ги мотивира да читаат лектира или да вежбаат математички задачи, како и да го повторат она што се учело во училиште.

– За распустот имаа и интересни задачи, односно да се спремаат за драмска секција и драматизација. Секој доби своја улога. Требаше сами да размислат за костимите што ќе треба да ги носат, кои заедно ќе ги изработуваме на часовите.
Беа пресреќни за активноста, но и мотивирани – објаснува таа.

Според неа, тоа е многу голем чекор за нивна возраст.

– Да почнат да бидат одговорни, креативни, да си ги зацртаат своите цели и да се борат за нив – додава Трајковска.

Повеќе време на свеж воздух и дружба со родителите

За време зимскиот распуст наставникот Бумбароски контактира со родителите на своите ученици. Преку нив сака да ги поттикне учениците мотивацијата секогаш да ја наоѓаат во себеси, со напомена секогаш да се физички активни и опкружени со своите сакани.

Гоце Бумбароски

– Си ги честитаме празниците и разменуваме основни информации околу здравствената состојба на учениците. Моите ученици имаа едноставна, но сепак многу одговорна задача за зимскиот распуст, особено во ова време на предизвици, секојдневни битки и здравствени проблеми во голем дел од семејствата. Од моите ученици побарав времето одредено за зимскиот распуст да го поминат активно, на свеж воздух заедно со своите најмили, со своите семејства. Факт е дека ние, родителите, немаме доволно време за нашите деца, и тоа некако како да стана тренд. Па, оттаму потекна и активноста што им ја зададов на моите ученици. Впрочем, сакам по еден обратен редослед да предизвикам повеќе заеднички мигови помеѓу родителите и децата, помеѓу бабите, дедовците и нивните внучиња – објаснува тој.

Сепак, смета дека читањето книги е добредојдено во секој миг од образовниот процес.

– Во моето одделение читаме секојдневно, па поради тоа нема потреба од дополнително посочување за читање книги. Учениците се натпреваруваат кој повеќе книги има прочитано, а контролен механизам ни е прераскажувањето на прочитана книга и препорака на веќе прочитана книга кон своите соученици – додава тој.

Фото: приватна архива



912

X