Петкоска со разни информатички апликации и платформи на интернет ја реализира наставата од дома со нејзините 16 второодделенци. Ни објасни како…

Во услови наметнати од ситуацијата со коронавирусот и кога, според препораките на Владата за заштита, училиштата не работат, можат да се најдат начини децата да не изгубат од наставниот процес, вели одделенската наставничка Виолета Петковска од охридското основно училиште „Кочо Рацин“. Според неа, во вакви ситуации најдоброто решение е т.н. е-настава, но за таа да се оствари, треба да има национална е-платформа, ИТ-тим кој ќе раководи со наставниците, е-програма, ресурси… Додека да се постави тој систем во Македонија, а водејќи се од девизата дека светот е отворена училница во која секој наставник треба да вложува ентузијазам, Петкоска со разни информатички апликации и платформи на интернет ја реализира наставата од дома со нејзините 16 второодделенци.

Целосно посветена на креативната настава и нејзиното постојано модернизирање и усовршување со дигитализација, оваа наставничка со 23-годишно искуство и со многу награди за нејзината работа, објаснува како ги користи најновите интернет-платформи, мрежи и апликации за да не се прекине образовниот процес на децата.

Во новонастанатава ситуација треба да се придржуваме до препораките од Министерството за здравство. Освен тоа, секој наставник, покрај почитувањето на препораките од МОН, треба да се ангажира да има комуникација со учениците и до колку е во можност, да изведува онлајн е-покреативна настава. Но, за во иднина надлежните треба да разберат дека мора да има национална е-платформа

Онлајн сме и со учениците и со родителите

– Денот ми почнува со снимање видео и со утрински онлајн-контакти со децата и со нивните родители. Со моите второодделенци одлично ни оди таквиот вид комуникација. Искрено, имаме високо ниво на соработка и со родителите, кои ми праќаат повратни информации преку видеа од изразно читање или слики со пишуваните домашни тетратки, кои ќе ги чувам на Google Drive, а следиме и утринска „ТВ Училница“ на МТВ – вели Петковска и признава дека наставата лице в лице од училницата многу ѝ недостига, но дека како замена на тоа, во Zoom имаат заедничка видеосредба на слободни теми.

На тој начин, според неа, еднаш неделно ги прават договорите за наставата, покрај секојдневните училишни обврски. Петкоска потенцира дека наставникот сам одлучува каква и која алатка им одговара за работа, зависно од возраста на учениците и од наставните предмети и наставните програми во овие вонредни услови.

– Сум учествувала на многу глобални онлајн-конференции, семинари, вебинари, твитмит-настани, па сега користам најразлични ИТ-алатки и ресурси за да ја направам наставата што поинтересна. Има многу разновидни алатки за видеолекции, за презентации, Zoom MOODLE, Google classroom, Office 365, Скајп… Како амбасадор и учесник во глобални проекти, активно ги применував FlipGrid, Padlet, Wakelet, Zoom – објаснува Петковска.

За е-настава мора да има национална е-платформа

Таа вели дека со сите овие алатки, комбинирани со знаењето на наставникот и со услови кои треба да се обезбедат за реализација, може да се има квалитетна онлајн-настава.

– Како наставник мора да објаснам дека за да има е-настава, мора да има национална е-платформа за спроведување на ИТ-тим кој раководи со наставниците, е-програма, ресурси итн. – вели наставничката.

Според неа, кога се зборува за е-настава, едно од најважните прашања е како да се изгради успешна програма за учење од далечина, поточно од комбинирано учење до учење од далечина. Притоа има три начини што треба да се разликуваат од индивидуална настава наспроти учење во групи, интернет наспроти лице в лице, синхроно наспроти асинхроно учење и интернет-учење. Секоја комбинација води до вредни апликации и алатки, а учениците можат да учат со читање, слушање, гледање видеа и интеракција.

– Во новонастанатава ситуација треба да се придржуваме до препораките од Министерството за здравство. Освен тоа, секој наставник, покрај почитувањето на препораките од МОН, треба да се ангажира да има комуникација со учениците и доколку е во можност, да изведува онлајн е-покреативна настава. Но, за во иднина надлежните треба да разберат дека мора да има национална е-платформа. За ефикасна стратегија, на Бирото за развој на образование (БРО) има една платформа за онлајн-курсеви која може да се среди и уреди, а може и на МОН да има нова платформа – вели Петковска.

Кога ќе продолжи и кога ќе заврши учебната година, ќе одлучи МОН, зависно од развојот на ситуацијата со ширењето на коронавирусот, а на наставниците останува да работат, вели Петкоска и додава дека во вакви услови си разменуваат и споделуваат искуства и знаење.

– Хрватската заменик-министера за образование Лидија Краљ работеше со тим од нејзиното министерство и во 2018 година обучија 60.000 наставници. Тие работат заеднички од нивната национална е-платформа и ми дозволи да споделам и ги споделив нивните линкови за македонските наставници – вели Петковска, која е автор на 20 стручни трудови и 70 едукативни филмови.

Светски награди и сертификати на охридската наставничка

Петковска, која е членка на Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешна Југославија, е добитник на голем број државни и меѓународни награди. Последната што ја добила е од овој месец, кога од 3.489 апликациии таа беше меѓу 26. наградени со Е-innovation Award – Global Winner. Добитничка е и на уште голем број награди и сертификати: Awarded E-twiner, Ambasador Lab school, Sertified Educator Nat.Geo2019, Ambasador FlipGrid, 100 teachers Global Teacher Award ASK India 2019, TeachSDGs Ambassador 2020, Global trener Academy Macedonia, Sustainable Cosmos Ambasador 2020, како и на општинска награда „Свети Климент – Повелба за образование во 2019 година“.



912

X