Ако некој ги погледне оценките по природа и биологија на учениците од повисоките одделенија во основното училиште „Боровје“ во Загреб, ќе помисли дека учениците се гении.
Исто така, човек би помислил дека сите ученици размислуваат само за исхраната на членконогите, сонуваат за нервната клетка и се воодушевуваат при споменувањето на метеорите.
Наставничката по биологија на секој од 200 ученици од петто до осмо одделение му пишала петка.
– Не можеме да кажеме дека одобруваме, но секако ги разбираме постапките на наставничката. Не можам и не сакам да зборувам во нејзино име, но секако го разбирам овој израз на незадоволство и разочарување во системот на оценување. Бидејќи тоа значи дека по цела учебна година, сето тоа следење, проверување, оценување, нема никаква смисла ако сите треба да имаат петка на крајот – вели Бранка Шетфок Бораџија, директорка на основното училиште.
– Не ги препознава основните поими и стручни имиња. Ни со помош на наставникот не успева да репродуцира наједноставна наставна содржина: 1, 1, 1, 1, 1, 1, 1, 5. На крај: Одличен 5. Усвојување на биолошки концепти: 2, 1, 3… Компетенција по природни науки: 2, 1… На крај: Одличен 5. За претседателот на синдикатот „Препород“, работата е јасна.
– Да ме праша некој, таа би била личност на годината, а многу лесно може да добие опомена и казна. Бидејќи може да има ситуација во која 90 отсто од учениците имаат одлична оценка. Овде има ситуација во која 100 отсто од учениците имаат одлична оценка. Тоа не е голема разлика. Со овие 100 отсто се покажува дека и 90 и 80 и 70 отсто се ужас. Но, чест ужас во нашите училишта – вели претседателот на синдикатот, Жељко Стипиќ.
Сите признаваат: постои проблем
– Прво почнаа да исчезнуваат најниските оценки, па тројката стана најслаба оценка. И горе-долу, има само четворки и петки. Приказната отиде во насока дека кога ги имаш сите петки, тогаш повеќе ништо не е петка – вели Стипиќ.
И токму тоа се случило во ова основно училиште.
– Наставниците долги години се изложени на разни предизвици и притисоци, и малку по малку, во текот на сите овие учебни години, се олабавуваат и се намалуваат критериумите за оценување. И не би рекла дека можам објективно да оценувам со сите тие притисоци и предизвици што ги носи работата денес – вели директорката на училиштето.
Наставничката по биологија не сакаше да зборува со новинарите, па нејзините мотиви не се сосема јасни. Дали ова е случај на притисок или станува збор за континуирана практика? Дали постојат други причини?
Наставничката по биологија досега ја извршувала својата работа стручно и професионално. И таа имала репутација на една од најстрогите учителки. Дел од родителите се револтирани затоа што, како што велат, нивните деца учеле цела година, а на крајот добиле иста оценка како оние што не ја заслужиле.
Пораката е испратена. Прашање е дали ќе вроди со плод. Судејќи според одговорите, никој од властите во образованието не се вознемирил премногу.
– Тоа не се случи преку ноќ и речиси сум сигурен дека не може да се реши преку ноќ. Но, проблемот треба да се сфати сериозно и да се работи на враќање на достоинството на оценката, а потоа преку оценката да се стигне до оценувачите, значи професијата наставник – рече Стипиќ.
Несомнено е дека овој потег беше претеран, но исто така нема сомнеж дека привлекува внимание и укажува на сериозен проблем.
912