Наставниците често велат дека по неколку часа поминати со децата можат да претпостават кои ќе им создаваат проблеми во текот на учебната година.
Ешлин Кук, наставничка од Алабама, на нејзиниот профил на „Тик-ток“ открива како по однесувањето на децата и родителите може да препознае кои деца ќе имаат проблематично однесување во училницата.
– Родители, ве молам слушајте ме – започнува таа во видеото, по што објаснува дека за време на својата кариера забележала еден образец во однесувањето на децата за кој не се зборува често.
– Постои една работа која ми дава сигнал дека некое дете ќе има проблеми цела година – вели Ешлин и додава дека тоа е кога забележува дека детето не презема одговорност за своите дела.
– Сите деца во некој момент носат глупави одлуки, тоа е дел од животот и растењето. Но, ако секојпат кога детето ќе се најде во неволја, родителот трча да го брани без никакви прашања, да го напаѓа наставникот или директорот, одбивајќи да го прифати фактот дека неговото дете е одговорно за нешто, тогаш го подготвува за живот полн со разочарувања, неуспеси и конфузија – смета наставничката.

Таа истакнува дека е многу тешко да се подучува дете кое не презема одговорност за своите постапки, а дека и врсниците имаат проблем да се дружат со ова дете.
– Му наштетувате на вашето дете ако не го учите да презема одговорност за своите постапки, ако не го сметате одговорно за што било. Ако родителите и наставниците не работат заедно на тоа да одгледаат и да воспитаат добри луѓе, наставниците сами не можат многу да направат – порачува таа, додавајќи дека децата најпрво дома учат да бидат добри луѓе.