Откако ја презедоа власта во Авганистан, талибанците им забранија на девојчињата да одат на училиште. За еден член на авганистанската дијаспора, тоа беше покана да основа онлајн училиште.

Во рок од неколку недели се пријавиле 1.000 ученици, со поддршка од повеќе од 400 наставници-волонтери. Во последните месеци новите владетели на Авганистан им наредија на сите девојчиња и девојки да останат дома и да не одат на училиште „за своја безбедност“.

Бидејќи упорно повторуваат дека оваа забрана е привремена, но никакво решение не е на повидок, наставничката од авганистанската дијаспора решила да преземе нешто.

По само неколку недели од основањето на онлајн училиштето, Анџела Гајур имала речиси 1.000 пријавени ученици и повеќе од 400 наставници-волонтери.

Во Авганистан, откако талибанците најавија затворање на сите училишта за девојчиња постари од седум години, Насрин и нејзините четири сестри даваат сѐ од себе за да ги продолжат своите студии дома во Кабул.

Но, таа вели дека им е особено тешко на нејзините две постари сестри, кои студираат медицина и инженерство на универзитет.

– Сите наши соништа се срушија. И да се отворат училиштата, веќе нема да биде исто – вели 13-годишната Насрин.

– Сакав да станам пилот. Но, тоа сега нема да се случи. Талибанците никогаш нема да дозволат девојките да бидат пилоти – додава таа.

Сепак, во последните неколку недели се појави трошка надеж за Насрин и нејзините сестри во форма на онлајн училиште.

Организирано од искусна авганистанска наставничка која живее во дијаспората, онлајн училиштето „Херат“ обезбедува помош за 1.000 девојчиња и девојки на кои моментално им е забранет пристапот до образование.

Далеку од Насрин и нејзиното семејство во Кабул, Анџела Гојур гледа во океанот од нејзиниот сопствен дом на јужниот брег на Англија.

Родена во провинцијата Херат во Западен Авганистан, Анџела имала само осум години кога избила граѓанска војна во целата земја и нејзиното семејство побегнало во Иран.

Борбите во Авганистан траеле четири години додека талибанците конечно не ја презеле власта во 1996 година. Како дете бегалец, Ангела добро знае што значи да се биде без образование.

– Имавме само привремена виза, па не се осмелив да одам на училиште. Во тоа време беше вообичаено авганистанските деца што побегнаа во Иран да не можат да одат на училиште бидејќи немаа соодветни документи – вели Анџела.

По пет години поминати во Иран, таткото на Анџела конечно успеал да ѝ ги обезбеди вистинските документи за да може да оди на училиште.

Но, дури и на 13-годишна возраст Анџела многу добро знаела дека нејзиниот вистински повик е да ги учи другите. Секој ден по училиште Анџела се враќала дома и повторувала сѐ што научила тој ден пред 14 други авганистански деца, од кои ниту едно немало пристап до образование.

Многу години подоцна, кога се вратила во Авганистан, Анџела се квалификувала како професорка во средно училиште, пред да се пресели во Холандија, а потоа конечно да замине во Велика Британија.

Во последниве месеци, како и многу членови на авганистанската дијаспора, Анџела вели дека често се чувствувала парализирана додека внимателно следела што се случува дома.

Но, она што најмногу ја повредило, вели таа, биле ограничувањата што талибанците им ги наметнале на девојчињата.

Како учителка и доживотна застапничка за правата на девојчињата и жените, таа знаела дека мора да направи нешто.

Затоа, Анџела го основала онлајн училиштето за сите авганистански жени и девојки на кои моментално им е забрането образование.

– Чувствувам дека ова училиште е резултат на сета моја животна болка, агонија и искуство. Нашето мото е пенкало наместо пушка – вели Анџела.

Од нејзината прва инстаграм-објава, кога побарала помош од искусни наставници, ја контактирале речиси 400 волонтери.

Преку „Телеграм“ или „Скајп“, училиштето нуди повеќе од 170 различни онлајн часови, од математика до уметност.

– Повеќето наставници се од Иран. Тие работат од два до осум часа дневно, нудејќи различни часови, од готвење до сликање – вели Анџела.

Заедно, тие обезбедуваат помош за речиси 1.000 студенти – од кои едната е Насрин.

Насрин вели дека пријавувањето во „Херат онлајн училиште“ не само што ѝ дало надеж, туку ѝ овозможило повторно да има сон. Таа моментално учи турски со еден од волонтерите и вели дека би сакала да живее во Истанбул.

Секојдневно добива повици за нови ученици

Во последниве недели имаше некои позитивни вести за ученичките во северниот дел на земјата, при што девојчињата почнаа да се враќаат во средните училишта во 5 од 34. провинции во Авганистан.

И на младите жени на приватните универзитети, но не и на државните институции, им е дозволено да се вратат. Сепак, Насрин и нејзините сестри, кои живеат во Кабул, заедно со огромното мнозинство студентки низ целата земја, сè уште се предмет на сеопфатна забрана за враќање на училиште.

Дури и за наставниците, како што е мајката на Насрин, на кои им било кажано да останат дома, талибанците не поставиле никаков план кога ќе им биде дозволено да се вратат на работа.

Само во Кабул, Обединетите нации проценуваат дека 70 отсто од сите квалификувани наставници се жени. Тоа значи дека дури и за оние момчиња и млади момчиња кои се вратиле во училиштата, постои голема веројатност дека ќе има огромен недостиг на наставен кадар кој треба да ги учи.

Долго пред подемот на талибанците, Авганистан веќе се бореше со длабоко вкоренет недостиг на пристап до образование. Според податоците на Министерството за образование од 2019 година, повеќе од една третина од децата постари од 15 години се неписмени.

Извор



912

X