Родители трошат по 50 евра за дополнителни училишни материјали
Само што почна учебната година на 1 октомври, со одложување од еден месец, прво нешто што го добија родителите е список со приложени училишни материјали што мора да ги купат за своето дете. Најмногу тоа се одрази кај родителите на првачињата зашто тие мора да купат сè. Затоа и кај нив револтот беше најголем.
И покрај тоа што ваквата ситуација се повторува секоја година, сепак, родителите сметаат дека ваквите скриени трошоци што се наметнуваат како дополнителни барања до родителите од страна на училиштата се оптоварување на домашниот буџет, токму во време на криза поради коронавирусот.
Затоа, се прашуваат колку основното образование во земјава навистина е бесплатно, зашто за целиот наведен училиштен прибор им се потребни и до 3.000 денари, покрај сите претходни подготовки за едно прваче да тргне во училиште.
Изминатите два дена родители ги споделуваат списоците што ги добиле од одделенските наставници, во кои се напишани сите материјали што ќе треба да ги набават, а ќе им бидат потребни на првачињата за спроведување на наставната програма во текот на учебната година.
Главно листите со побарани училишни материјали во најголем дел од училиштата низ земјава се слични, но има училишта каде што тие се скратени, односно каде што се размислувало да не се оптовари домашниот буџет на стартот на учебната година. Има и списоци на кои директно пишува од каде треба да се купи дел од училишниот прибор, со јасно наведена фирма и продавница.
Списоци за непречено одвивање на наставата?!
Така, една мајка од скопско училиште го покажува списокот од 23 точки каде што е напишано сè што треба родителите да купат за своето дете во првите денови од почетокот на годината, од тетратки со линии, празни, самолеплив колаж, пластицифирана папка со ластик, блокови, дрвени бои, водени бои, четки за водени бои, мрсни бои, пластелин, фломастери, пластицифирани фолии, течно лепило, ножици, молив ХБ со гума, гума за бришење, гумирана острилка, селотејп, лепило во стик.
На крајот под списокот е напишана опомена до родителите дека секој викенд треба да проверуваат што недостига во училишниот прибор, со цел тој да се надополни заради непречено одвивање на наставата.
Директно е посочено и тоа дека поради пандемијата на коронавирусот, секој ученик задолжително треба да има комплетен прибор за работа, како и дека не смее да се позајмува од другите ученици.
Мајката вели дека е премногу во време на корона-криза да се бара од родителите сето ова да им биде купено на учениците веднаш, на самиот старт на годината.
– Во време на корона-криза уште список им давате на родителите? Дали случајно ви текна да ги прашате кој од родителите останал без работа, а кој не? Кој има да купи, а кој не – прашува мајката.
Друга мајка се надоврзува на неа и вели дека не треба да се заборави и дека се бараат пластични чашки, тоалетна хартија, течен сапун, влажни марамчиња, топ хартија, како и дека искуствата од минатите години им биле дека од родителите се барало да дадат пари и за завеси во училницата, за печатач, тонер и линолеум.
50 евра за дополнителни училишни материјали
До нашата редакција стигна реакција од мајка, која сака да остане анонимна, чие дете е прваче во едно скопско училиште. Ни го приложи списокот на кој се напишани сите материјали што се бара да бидат купени за целата школска година. Списокот е поделен на материјали што учениците треба да ги носат во ранец, како дрвени боици, две кутии, од кои само една се носи во ранец, мрсни боици, две кутии, од кои една се носи во ранец, фломастери, тенки и дебели, два молива, гума, острилка, сметалка, мала табла со маркер, блок број 3, вкупно шест, од кои еден се носи во ранец, водени боици, четка, колажна хартија, самолеплива хартија, лепило за хартија, ножици, селотејп, линијар, пластични мали тенки стапчиња за математика, математички семафор.
Во материјали што треба да се остават во училница се напишани пластелин, глинамол, две хартиени тенки папки, хартиена папка со ластик, фолии и фотокопирна хартија.
Покрај тоа, наведен е и список за одржување лична хигиена на ученикот на училиште.
Во него стои дека родителите треба да набават влажни марамчиња кои треба да се носат во ранец, маска, тоалетна хартија, резервна облека за пресоблекување, опрема за физичко образование.
Мајката ни приложи и две фискални сметки од купените материјали, од кои на едната пишува дека потрошила 1.425 денари, а на другата 821 денар, со напомена дека не се набавени сите потребни материјали, односно дека дополнително ќе треба да потроши уште илјада денари, што на крајот може да се сумира дека за сите дополнителни потребни училишни материјали потрошила околу 3.000 денари.
Се зела предвид економската криза
Сепак, има и училишта кои размислувале за оптоварувањето на домашниот буџет на родителите во време на корона-кризата и не бараат веднаш сè да се купи.
Родители посочуваат дека истово не го барале во сите училишта, односно дека освен книгите, тетратки и прибор, им било побарано да купат само дрвени боици и фломастери.
Друга мајка вели дека нивниот список бил скромен, односно не биле наведени фирми од каде да се купи приборот.
– Секој прибор е залепен со налепница со име и презиме на ученикот. Дополнително треба да купиме само влажни марамчиња и паломи – посочува мајката.
Материјалите се потребни за цела година, не мора сè веднаш да се купи
Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп, вели дека овие материјали не им се потребни на учениците веднаш, но ќе им бидат од полза во текот на целата учебна година.
– Учениците од прво и од второ одделение знаат да ги трошат материјалите побрзо отколку нивните повозрасни другарчиња. Во прво и во второ одделение се посветува внимание на изработки, цртежи и боење отколку на класично пишување. Затоа што голем дел од учениците не знаат да се изразуваат во пишана форма, но добро знаат да цртаат, бојат, режат и слично – вели наставникот Бумбароски.
Сепак, посочува дека за да не се оптовари домашниот буџет одеднаш, на самиот старт на учебната година, овие материјали родителите не мора веднаш да ги купат, туку можат тековно да ги набавуваат.
МОН: Средства за хигиена треба да обезбедат училиштата
Од Министерството за образование и наука одговараат дека секоја општина добива блок-дотации за училиштата што се во нејзина надлежност и дека треба домаќински да се однесува со нив.
– Во тие блок-дотации се планирани и средствата за хигиена, а со оглед на тоа што основните училишта се под надлежност на локалната самоуправа, тие не треба да ја заборават грижата за училиштата. Директорите на училиштата не смеат да дозволат да се бараат пари од родителите или да бараат од нив да носат сапун или средства за хигиена – велат од МОН.
912