Воспитување

Настава во корелација со природата или претежно пред електронски уред?

Зошто искуствата од природата се толку важни за децата и дали оддалечувањето од неа претставува хендикеп за децата од предучилишна возраст и учениците во основното образование? Последниве неколку години постои застрашувачка тенденција седењето пред електронските уреди да стане неделив доминантен дел од наставниот процес!

Децата од градските средини речиси немаат непосреден контакт со природата!

Кога бевме деца се качувавме на дрвја! Кога бевме деца игравме во парковите, па дури и во шума! Овие секојдневни искуства (на една генерација) на повеќето денешни градски деца не им се секојдневие. За жал, за голем дел од нив природата почнува да претставува таканаречен „теоретски концепт“, односно непосредниот контакт со неа почнува да се намалува. Оваа претпоставка во последниве пет години ја потврдија голем број независни студии. Затоа во предучилишното воспитание, а особено во наставата во основното образование, непосредниот контакт со природата на градските деца мора да биде неделив дел од наставните програми!

Замислете еден ученик на следниве едноставни прашања да ги даде следниве вџашувачки одговори кои секако би ве шокирале: кравите се виолетови, а пајките жолти! Ова би биле екстремни последици од губењето на корелацијата со природата. Впрочем, ова го гледаме на одделни реклами кои често се емитуваат на телевизиските канали. Дури и ако оваа моја теза е претерана, сепак, очигледно е дека многу градски деца веќе имаат проблеми да одговорат на прашања како што се: „Како изгледа вимето на кравата?“ Или „Каква боја е лисицата?“ Ако кон овие прашања додадеме и прашања за птиците, растенијата и печурките, тогаш сигурно тие ќе им создадат тешкотии.

Видливо оддалечување од природата

Се разбира, постојат ученици кои имаат солидно теоретско знаење за природата, кое го стекнале преку гледање образовни емисии на овие теми или читале книги, иако непосредниот контакт со шумите, дивите животни, па дури и фармите честопати им недостига.

Кога бевме деца висевме на дрвја како „мајмуни“, градевме брани на потоци или шетавме покрај река. Најголемиот дел од денешните деца поголемиот дел од слободното време го минуваат седнати пред електронските уреди, а исто така имаат и премногу играчки.

Многу денешни градски деца речиси никогаш не се качиле на дрво сами. Секое петто градско дете на возраст од четири до дванаесет години, според едно истражување, „никогаш или речиси никогаш“ не видело животно на слобода надвор од градска средина,  освен на пример гулаби, гугутки, врапчиња и други „жители“ на градот.

Стравот на родителите има влијание

Градските деца денес многу поретко играат на отворено. Ова често нема никаква врска со желбите на децата, но има врска со стравот на нивните родители. Една од причините би можела да биде воздржаноста на родителите, затоа што многу родители стравуваат да го остават своето дете да игра само во природа.
На тој начин децата многу помалку можат да имаат непосреден контакт со природата. Училиштата во големите и густо населени градови, како што е Скопје, се оградени и опколени со улици и згради, па дури да имате парк на патот кон училиштето е привилегија во денешно време. Дури и на периферијата и во предградијата единствено има малку повеќе реална природа. На тој начин дури и основното познавање на природата е доведено во прашање.

Дали добро одржувано детско игралиште може да биде замена за природата?

Апсолутно не!

Детските игралишта не се непосредната врска на децата со природата. Имено, нивното поврзување со природата има исклучиво негативна конотација и сериозни последици од повеќе аспекти. Речиси и да не постои студија направена во последниве пет години која не покажала дека непосредниот контакт со природата на децата на возраст од четири до дванаесет години е клучен за нивниот развој. Играњето во природа, на ливади и покрај потоци и реки не само што помага за развојот на моторичките вештини, туку и за јазичните вештини, а особено е важно за јакнењето на самодовербата и развојот на социјалните вештини.

Оттука заклучокот е јасен: На децата и адолесцентите им е потребен поголем непосреден контакт со природата. Вклучување на оваа компонента во современите програми за предучилишното и основно образование претставува итна потреба! Потребно е враќање на бесплатната настава во природа, нешто кое постарите генерации го имаа како задолжително во текот на своето школување.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Поврзани написи

To top