„Камп“ е градинка на отворено која има цел да им даде на децата чувство дека секој ден го поминуваат во извиднички камп. Градинката сака да промовира здрав начин на живот уште од мали нозе. Придобивките од градинките под отворено небо се безмерни. Со гледање во природата се подобруваат концентрацијата и вниманието на децата, се развива фантазијата, во ваквата градинка ќе се учи со допир со раце и преку искуство, ќе се промовира заштитата на природата…

Истражување во природа, приспособување на секакви временски услови, допир со растенија, животни, инсекти, откривање на сите сетила, забава без граници, играчки создадени од природата, опкружување со шумски воздух… се само мал дел од придобивките од градинките лоцирани во шуми, во природа, во непосредна близина на населените места. И ваквиот тип градинки се чести и вообичаени во развиените земји, како Германија, Литванија, Шкотска, Русија, Исланд, Шведска, Словенија…

Но АнаМарија Павлова и Бојан Андонов се на чекор да ја отворат првата градинка под отворено небо во Македонија, со поинаков концепт на работа од регуларните, која ќе им овозможи на децата допир со природата.

Идејата за нивната пионерска градинката „Камп“ е избрана и како една од двете победнички идеи на натпреварот RISE инициран од Здружението за социјални иновации АРНО.

Имаме супер временски услови

„Камп“ е градинка на отворено која има цел да им даде на децата чувство дека секој ден го поминуваат во извиднички камп. Градинката сака да промовира здрав начин на живот уште од мали нозе, преку физичка активност, запознавање со природата и можностите кои таа ги нуди, нејзина почит и заштита, како и здрава исхрана. Сето ова им овозможува на децата развој на борбен дух, тимска работа, поголема самодоверба, а резултатот е здрави, самостојни и силни деца кои се подготвени да се соочат со предизвиците на понатамошното учење.

– Идејата за градинка во природа во Македонија беше поттикната од еднонеделно волонтирање во ваква градинка во Литванија. Тоа беше нашиот прв контакт со овој концепт. Откако увидовме дека со леснотија се одвиваат активностите и покрај секојдневните врнежи на дожд, сфативме дека Македонија има далеку подобри временски услови за таква градинка. Градинките на отворено, всушност, имаат мал затворен простор кој го користат како засолниште од посуровите временски услови, но акцентот овде се дава на поголемиот надворешен простор кој најчесто е исполнет со реквизити од дрво и јаже и алатки кои децата можат да ги употребуваат за игра или истражување на природата – споделува АнаМарија Павлова.

Локација – Штип, во простран шумски предел

Нивната идеја предизвика позитивни реакции и се здоби со одлични критики. Со нетрпение се очекува замислата да добие реализација.

– Пријатно сме изненадени што досега идејата наиде на претежно позитивни реакции и многу поддршка, како од поединци така и од здруженија и организации. Голема поддршка, исто така, ни искажа и Општина Штип, од каде што ни помогнаа со најголемите зафати околу сето ова. Иако е напорно да се започне нешто сосема ново во доста традиционална земја, заинтересираноста од страна на родителите на деца од предучилишна возраст ни е мотивација дека ова ќе успее и ќе се развие – дополнува АнаМарија.

Градинката ќе биде лоцирана во Штип, пред сѐ, затоа што тие се штипјани.

– Нашата градинка ќе биде лоцирана во Штип, во простран шумски предел каде што децата ќе имаат простор секојдневно да одат на прошетки, да истражуваат и да откриваат нови нешта. Тие овде би имале повеќе слобода да функционираат самостојно отколку во другите градинки и ќе бидат поттикнувани креативно да размислуваат како да ги надминат пречките – вели Бојан.

И одмор, и игра, и здравје

Според нивните прогнози, градинката наскоро треба да биде отворена.

– Би рекле дека сме доста блиску до реализација. Досега ја имаме прецизирано точната локација и почнуваме да ги градиме потребните реквизити. Следниот чекор е опремување на местото и официјално отворање. Имавме голема чест да стапиме во контакт со стручни педагози кои понудија да ни помогнат во формирањето на програмата. Ова ни беше од полза бидејќи во нашата градинка, покрај вообичаените содржини, ќе се даде акцент и на природата, животинскиот свет, флората и фауната и сите вештини поврзани со функционирање во природа. Во тој поглед би рекле дека „Камп“ ќе нуди спој на традиционалното и извидничкото образование – нѐ информира АнаМарија.

Шумата е неисцрпен извор на доживувања, ги храни сите сетила, го стимулира развојот на децата, го зајакнува имунитетот, претставува здрава основа за здраво детство. Со гледање во природата се подобруваат концентрацијата и вниманието на децата, се развива фантазијата, во ваквата градинка ќе се учи со допир со раце и преку искуство, ќе се промовира заштитата на природата…

– Придобивките од градинките во природа се многубројни. Овој вид градинка најмногу им помага на децата во зајакнување на имунитетот и физичките способности, преку секојдневните прошетки. Со тоа што го поминуваат денот во природа, на чист воздух, децата се поодморени. Неструктурираниот простор во шума наоколу им овозможува да се впуштат во игра која тие ќе ја измислат, со што ќе ја развиваат својата имагинација. И уште многу други придобивки, за кои можете да прочитате на нашата инстаграм-страница @kamp.gradinkavopriroda – дополнува Бојан.



912

X