Воспитување

Насилството – новото добредојде на современите општества

Насилството е патолошка појава и постојан проблем на современите општества, кој секој од нас мора да го разбере како симптом, а не прифаќање на патологијата. Иако живееме во 21 век, насилството е феномен кој, за жал, има стихиски карактер. Сцени од насилство среќаваме насекаде околу нас… во медиумите, на улиците, во нашите домови, во училиштата, на работа. Насилството е глобален проблем, а колкава е бројката на жртвите од насилство, не можеме да пресметаме бидејќи последиците се најчесто скриени и тајни.
Под насилство не се подразбира само нанесување физички повреди врз некого. Многу често насилството се пријавува само тогаш кога има видлива телесна повреда врз телото на жртвата. Удари од некој остар предмет, модринки од шлаканици, модринки од клоцање, изгореници и скршеници по целото тело. Но, што правиме со психичкото насилство, економското, сексуалното и вербалното? Да премолчиме и за нив!?

Психичкото насилство остава најдолготрајни последици врз менталното здравје на човекот. Психолошкото малтретирање претставува емоционално насилство во кое има присуство на игра со емоции и чувства на жртвата. Психичко насилство владее помеѓу интимни партнери, семејни членови, врснички групи како ученици, другари, студенти, колеги. Оние што се жртви на овој вид насилство најчесто го негираат. Жртвите многу често не се ни свесни дека се жртви. Интимните партнери знаат да кажат: „Тој/таа ме сака, се грижи за мене, затоа ми вели така“. Врсниците од училиште влијаат врз нивниот соученик така што му дофрлуваат: „Ти никогаш не можеш да бидеш како мене, јас сум повисок, побрз од тебе, мене сите ме сакаат, ти никогаш нема да имаш другари како мене – ќе останеш сам.“ Насилникот кој практикува ваков облик на насилство извршува намерен акт за да ја понижи и засрами жртвата. Сопругот често знае да прикрие информации од сопругата, но и да ја изолира од фамилијата и пријателите. Работодавците често си поигруваат со вработените. „Ти не си способен/а за ништо, една задача не можеш да ја завршиш навреме, денеска ќе останеш по работното време, до утре мора сѐ да е готово !!“ А за „возврат“ ниту денар повеќе за работа надвор од работното време и вложен труд.

Да го споменеме сексуалното насилство, кое е исклучително тешко поради неговата карактеристична природа. Многу често сексуален напад се извршува врз лица кои не можат да ја разберат природата на сексуалноста, а и не се подготвени да ја спречат. Поради малолетна незрелост, децата многу често се жртви на сексуално насилство. Тие не се моќни да го спречат непосакуваниот акт, но понекогаш и не можат да разберат зошто е тоа погрешно и лошо. Генерации и поколенија наназад се провлекува митот. „За да бидеш на висока и угледна позиција, мора нешто да дадеш.“ Во успешни и големи фирми во светот, а не ретко и кај нас, жената е сексуално злоупотребувана од нејзиниот претпоставен, за повисока плата, за да обезбеди егзистенција на нејзиното семејство, бидејќи друг излез нема. Доколку не ги исполни „ желбите“ на шефот, веднаш следува закана со отказ од работа и: „Повеќе никој нема да те вработи“.
Да се освестиме еднаш засекогаш. Шлаканица од партнерот не значи љубов и галење. Повишениот тон од другарчето не значи грижа за тебе. Заповедите и желбите од шефот не значат дека, доколку не ги исполниш, нема да најдеш друга работа никогаш. „Не оди кај твоите, тие не ме сакаат мене“ е изолирање од твојата фамилија, а не желба да создадете ваша и да се посветите на неа.
Еднаш насилник, засекогаш насилник! Насилството раѓа уште едно насилство!

Автор: Елена Михајловска, дипломиран семеен едукатор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top