Лука е државен првак во класична гитара, а Тимотеј почнал да свири на пијано од 3 години
Лука и Тимотеј Стошевски од Скопје се талентирани музичари кои нижат успеси на домашни и на странски натпревари. Вљубени во музиката, тие од мали нозе знаеле кои инструменти им се при срце. И двајцата се ученици во ОУ „Војдан Чернодрински“. Лука заврши седмо и свири на гитара, а Тимотеј заврши трето одделение и е заљубен во пијаното.
Електричната гитара – главна љубов
Лука е актуелен државен првак по класична гитара годинава.
– Со музика почнав да се занимавам од 3 години. Прв инструмент ми беше пијаното, но како што растев, знаев дека пијаното не е инструмент на кој сакам да продолжам да свирам. Гитарата како инструмент повеќе ме привлекуваше. За жал, во нижото музичко училиште класична гитара како инструмент може да се одбере само во 4. одделение. Бидејќи јас имав само 8 години, т.е. бев 2. одделение, не можев да се запишам на класична гитара. Мајка ми случајно дозна за музичкото училиште „Ентерпрајз“ и така почнав да учам електрична гитара, каде што се свири само рок-музика. Тоа ми овозможи да се запознам со друг вид музика и поинаков музички правец – вели Лука.
Лука
Тој четири години учел само електрична гитара, која бара поинаков пристап од класичната. Настапувал со школските бендови на новогодишни и на летни завршни концерти. Во 6. одделение повторно се запишал во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и почнал да свири паралелно и класична гитара.
И Тимотеј почнал да свири на пијано од 3 години. Љубовта кон овој инструмент му се јавила во градинка.
– Првите композиции ги научив од проф. Слаѓана Јовановиќ, а часовите беа во рамките на градинката каде што одев. Кога тргнав на училиште, се запишав во нижото музичко училиште и продолжив со часови кај проф. Стефани Стефановска. Мојот покоен татко свиреше на гитара, тој ми ја пренесе љубовта кон овој инструмент. Често свиревме заедно – вели Лука.
Лука и Тимотеј
Тимотеј: Срцето ми чука чудно пред настап
Ги прашавме дали имале трема пред јавни настапи.
Лука вели:
– Јас имам многу трема пред настап, но кога ќе почнам да свирам, тремата исчезнува. Настап кој нема никогаш да го заборавам е тој на фестивалот „Тремоло“ каде што освоив второ место.
По сѐ изгледа и Тимотеј има трема:
– Мене понекогаш срцето чудно ми чука пред настап. Годинава настапував на настанот што се одржа по повод Денот на пијаното. Го свирев воведниот дел на композицијата „Роденденот на принцезата“, дело на нашата авторка Бете Илин. За мене, тоа беше ново и интересно искуство бидејќи треба многу да внимаваш кога треба да направиш пауза, а кога треба да се вклучиш и да продолжиш да свириш.
Тимотеј
Лука нема омилена композиција. За Тими, тоа е „Жонглерот“ од Гилок. Лука вели дека посакува да продолжи во средното музичко училиште.
Добрите наставници секогаш се важни во нашето образование. За Лука, тоа е наставникот по класична гитара, проф. Љубомир Наќевски.
– Можам да кажам дека тој не е само професор, туку и добар другар. Од Ади Имери ги научив првите рок-песни, а сега свирам со Неврус Бајрам.
Првите композиции Тимотеј ги научил од проф. Слаѓана Јовановиќ, а сега омилена професорка му е Стефани Стефановска.
Фудбал, кошарка, пливање – кога не свират
Многубројни се наградите што ги имаат освоено на меѓународни и на домашни натпревари. Лука има награди и од натпревари по математика и по природни науки.
Тимотеј лани освои втора награда на меѓународниот натпревар за класична музика „Арт Ин – Велес“. Беше награден и на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охрид, те сакам“. Тими ја освои третата награда на 15. Меѓународен натпревар на млади пијанисти во Ниш. Освен музиката, и спортот има важно место во детството на Лука и Тимотеј. Младиот гитарист многу сака да чита, да игра фудбал со другарите, сака да учи јазици (зборува англиски, француски и германски). Талентираниот пијанист, пак, ужива кога вози велосипед и плива, а игра и кошарка.
– И јас сакам да учам јазици како мојот брат, но не толку многу – вели Тимотеј.
Школската година заврши, ама не и обврските кон нивните инструменти. Ќе се посветат на нови композиции и настапи на фестивали и на натпревари.
912